fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Убавината и рустичноста на Манастирот СВ. ,, Јоаким Осоговски”

Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ се наоѓа на околу 3 километри североисточно од гратчето Крива Паланка, во прегратките на дабовата шума на Осоговските планини.Основан е уште во 12. век, познат и по името Сарандапор, а посветен е на испосникот Св. Јоаким Осоговски, кој во овие предели живеел кон крајот на 11. и почетокот на 12. век. Денес манастирот е отворен за верници, посетители, патници и добронамерници кои доаѓаат на поклонение пред чудотворните мошти на Св. Јоаким, кои се чуваат во манастирот.

               

Во него се наоѓаат две цркви, неколку конаци кои нудат услови за престој на гости и ресторан со широка понуда на автентични јадења, а природата околу манастирот нуди неповторливи услови за прошетка.Најстариот објект во манастирскиот комплекс е малата црква „Света Богородица“, градена во 14. или 16 век, врз темели на црква од 11. и 12. век. Градбата ја карактеризира византиски стил и претставува една од првите средновековни цркви на тлото на Македонија.

               

Во 1847 година започнува изградбата на големата црква „Св. Јоаким Осоговски“, завршена и осветена во 1851 година. Црквата ја изградил Андреј Дамјанов, најпрочуениот градител на Балканот од почетокот на 19. век. По својата архитектура, црквата претставува монументална е трикорабна базилика со дванаесет куполи (седум мали и пет поголеми). Влезот е на западната страна, а внатрешноста и тремовите на црквата се живописани од вештите раце на македонските зографи. Најзначајниот дел се наоѓа на западниот ѕид од црквата, дело на Димитриј Андонов Папрадишки. Една од најубавите фрески е „Евангелската проповед на Св. Павле”, на која народната носија од Кривопаланечко зрачи со сета своја убавина и рустичност.

                           

Манастирот во историјата на македонската култура е забележан како место каде, според едно предание, престојувал и творел Јоаким Крчовски, свештеник и верски учител, основач на новата македонска литература во 19. век. На 28 август секоја година во манастирот се одржува традиционалната прослава на верскиот празник „Света Богородица“ на која доаѓаат луѓе од градот, околината и други градови од Македонија.

 

Гордана Аџиева- Михајловска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close