fbpx
ВестиТоп вести

„Мариовскиот органски   мед“  доби сребрен медал на  АГРА 2018

 

Менде Трајковски  за „Мариовскиот органски мед “ освои сребрен медал на  Меѓународниот  саем за храна и земјоделство АГРА 2018 што се одржа во Словенија. Наградата ја освои во силна конкуренција од 147 примероци на мед од Европа и пошироко, информира Менде Трајковски пчелар од Битола. Ова признание  има уште поголемо значење ако се има предвид фактот што саемот АГРА 2018  е еден од најстарите и најквалитетните  меѓународни  саеми за храна и земјоделство. Оваа година Р Македонија  беше земја партнер на саемот така што на простор од 140 м2  покрај „Мариовскиот органски мед“ беа изложени  над 100 други производи како ајварот, лутенката, традиционално овчо сирење и јагне, органска храна, вино и др.

 

Менде Трајковски години наназад се занимава со пчеларење и учеството на овој саем за него има големо значење, а наградата е посебна сатисфакција.

„Наградата многу ми значи. Од медот имав испратено мостри кои беа прегледани во лабораторија , а врз основа на резултатите одлуката за наградата ја донесе комисија составена од три члена. Големо е задоволството, а и сатисфакција не само за мене туку и за регионот и државата. Ова е доказ дека и ние имаме квалитетен органски мед, доказ дека и ние можеме да произведеме добар производ. Наградата доаѓа во вистинско време, кога е во тек процедура за брендирање на Мариовскиот мед и за таа цел  се изработува елаборат“, изјави за Зелена берза Менде Трајковски.

Од година во година пчеларите се жалат на ниски приноси од мед. Причините за тоа се различни, а доведен е во прашање е и опстанокот на пчелите. Токму заради тоа на саемот АГРА 2018  присутните пчелари потпишаа декларација  медоносната пчела да се прогласи за загрозен вид.

„Во Словенија потпишавме  декларација со пчеларски сојузи од Словенија, Хрватска, Црна Гора,Босна и Херцеговина, Србија, Р. Српска и Македонија со која бараме медоносната пчела да биде прогласена како загрозен вид поради климатските промени, загаден воздух, прекумерна употреба на пестициди, чад и др. Декларацијата ќе ја испратиме до владите на државите од Европа и пошироко. Со тоа очекуваме подобрување на состојбите во пчеларството“, изјави за Зелена берза  Менде Трајковски.

 

Што се однесува до приносите на мед оваа година е подобра од ланската, но далеку  е од добра година, објаснува Трајковски. Вели дека 2002 година ќе остане  запамтена во меморијата на сите пчелари, бидејќи тогаш од еден сандак имало 108 кг. мед, за разлика од оваа година кога од еден сандак добиени се само неколку кг. мед. Периодот што следи е од големо значење за пчелите. Пчеларите потребно е да ги преземат сите соодветни мерки за подготовка за презимување на пчелите , посочува Трајковски.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close