Над 300 хектари засадени претежно со тутун, пиперки и житни култури се 100% уништени во атарите на прилепските села Мало и Големо Коњари во силното невреме кое попладнево го погоди овој регион. Страшо Ацески од Мало Коњари вели дека целосно уништени му биле 30 декари под тутун, живее само од тутунопроизводство.
„Во мојот живот прв пат вакво невреме има, со ваков град, со олку штета. 15-20 минути сето беше со град, град поголем и од орев“, вели Страшо Ацески, земјоделец од Мало Коњари.
И на останатите земјоделци родот им е целосно унииштен.
„Значи 25 години вакво нешто нема. Штетава е 100%“, рече Златко Костадиноски, земјоделец од Мало Коњари.
Земјоделциите упатуваат апел до државата и општината да ги обештета од оваа катастрофа.
„Апел до власта, до градоначалникот, да излези на терен комисијата што е можно побрзо и да ги обештети тутунопроизводителите“, кажа Марјан Настески, земјоделец од Мало Коњари.
Земјоделциите се жалат дека иако го осигуруваат родот, кога ќе се случеле вакви невремиња, осигуриителните компании не вршеле реална проценка на штетата. А дел од нив воопшто и не сакале да ги осигураат земјоделските посеви. Бараат и промена на начинот на осигурување.
„Претходните години не бевме баш задоволни од проценките. Јас осигурувам секоја година, ги молиме компаниите и властите да водат контрола со компаниите, бидејќи не сме обештетени како што треба“, истакна Александар Мицаноски, земјоделец од Мало Коњари.
„Бараме да се осигурува тутунот задолжително со секој склучен договор“, рече Тони Аљакоски, претседател на здружение на тутунари Мице Козар.
Од Комисија за елементарни непогоди при Општина Прилеп веднаш излегоа на терен и самите констатираа дека штетата е стопроцентна.
„Значи утре веднаш Советот на комисијата за елементарни штети при Советот на Општина Прилеп ќе свика седница и ќе оформи комисија што ќе направи проценка за настанатата штета“, изјави Жарко Северкоски, претседател на општинската комисија за елементарни непогоди.
„Ги повикувам сите оштетени да поднесат барање до локалната самоуправа, за да ние излеземе на терен по основ на нивните барања и да извршиме проценка“, нагласи Зоран Пачешкоски, претседател на стручна комисија за проценка на штети.
Ова е второ невреме во овој регион за само 2 недели. Претходното невреме зафати 100 хектари со разни земјоделски култури, а тогаш 105 земјоделци побарале обештетување.