Никна современ насад под боровинка во Струга

 

Земјоделците постојано се во потрага по производство кое е интересно, барано и доста платено за да го произведуваат на своите ниви. Меѓу најбараните и добро платени овошни видови е боровинката. Но овој овошен вид многу малку можеме да го сретнеме по производните парцели на земјоделците или на прсти може да се избројат земјоделците кои имаат насад под боровинки. Зелена берза беше на насадите под боровинки во Струга на семејството Негровски кои сега со новиот насад кој е подигнат се простираат на 2 хектари површина. Идејата за насад под боровинка им била дамнешна.

-Кога се распрашувавме што е број еден кај ситното овошје по цена и по бараност увидовме дека тоа е боровинката бидејќи е барана добро платена и ја нема. Се одлучивме и во 2008 година подигнавме еден хектар со кој многу се измачивме бидејќи не ја знаевме технологијата на одгледување а нема ниту кого да консултираш. Знаевме дека бара кисела почва односно пониска pH вредност па носевме со шлепери пилевина од борови дрва но попусто. По две години мака следно што засадивме беше аронијата за која е многу полесно да се одгледува но заради пласманот моравме да одиме на производство на природни сокови за да го решиме проблемот со пласманот. Но откако по саеми и патувања ги осознавме сите потребни работи за боровинката за која Холанѓаните се далеку отидени се одлучивме и повторно инвестиравме во најсовремениот насад под боровинки во Македонија на уште еден хектар, вели Томе Негровски од Струга.

Инвестицијата  во еден хектар под боровинки засега им е околу 30 илјади евра а со комплетирањето односно со поставувањето на мрежата која ќе го засенчува насадот, ќе го штити од сколовранци и од град крајната инвестиција се проценува на 45 илјади евра. Но според досегашните резултати и динамиката на родност и откупните цени кои се стабилни последниве неколку години на 6 евра за килограм и кои немаат проблем со пласманот проценките се дека за 3 години ќе ја вратат инвестицијата и до 25 години до кога е родноста на насадот ќе им останат години кога ќе берат добра заработувачка. За еден хектар се потребни околу 3000 садници бидејќи се садат на еден метар растојание едни од други и се остава по 3 до 3,5 метра растојание меѓу редовите да има каде да се движи трактор. Една садница чини 4 евра и доста погодно освен есенското е и пролетното садење кога треба да се внимава задолжително на наводнувањето. За сите заинтересирани земјоделци освен препораки од искуство како да го почнат ова производство може да добијат и садници кои годинава се појавија како пазарен вишок, садници кои се со сертификат и за кои следуваат субвенции од најмалку 50%. Најзначајната работа кај  одгледувањето боровинки е фактот што таа бара кисели почви однос најоптимално е pH  вредноста на почвата да биде 4,5 до 5  и на водата со која се полеваат и на почвата. За да се постигне ова најуспешен се покажа моделот кој семејството Негровски ги применило на насадите во Струга каде коренот е ставен во полиестерски вреќи во кои има околу 50 литри специјален тресет кој е според барањата на боровинката. Овој тресет ги чинел околу 16 илјади евра за насадот од 1 хектар но гарантира успешно производство, добар развој на боровинките и високи приноси. На дното на вреќите се ставаат еден слој камења за да може вишокот вода да истекува преку дупчињата на вреќите кои немаат проблем и се долговечни за насадот. За наводнување неопходно е добра снабденост со вода и поставување на систем капка по капка кој е специјално наменет токму за ваков тип на производство. Особено значајно е наводнувањето летно време кога мора да се следи постојано влажноста бидејќи се работи за мала површина на земја околу коренот која бргу може во жешките денови да остане без вода ако не се оди на почести залевања.

-За берба боровинката стасува од 25 јуни до 25 јули. Во овој месец потребни се двајца берачи за насадот од еден хектар кои дневно собираат по околу 100 килограми боровинки. Кај боровинката зреењето е етапно односно не созреваат сите плодови наеднаш. Цените последниве неколку години се постојано 6 евра за килограм а одлична заработувачка има дури и цената да е 5 евра за килограм. Ние нудиме и загарантиран откуп за сите што се заинтересирано да одгледуваат боровинка додава Негровски.

Полна родност боровинката треба да достигне во 5-тата година кога еден џбун раѓа 4 до 5 килограми а можно е да дава и до 6 килограми зависно од тоа како е одгледувана. Само за споредба во Холандија се дојдени до производни резултати од 10 килограми. Многу значајна  исто така е прихраната во текот на производната вегетација бидејќи коренот е во ограничен супстрат кој ако не се прихранува нема да има добри приноси. Како растение е доста отпорно на болести и штетници и нема некоја потреба од заштита односно според искуството на струшките производители доволни се две бакарни прскања пред сезона.

Share Button