
Во Македонија пченицата има повисока цена отколку во Србија, велат мелничарите
Во цената од 10 до 12 денари за килограм пченица бил пресметан и превозот
Мелничарите во Македонија на стартот на жетвата на лебното жито велат дека формирана е пазарната цена за пченицата и нема да отстапат од таа цена, бидејќи е повисока од онаа која ја имаат соседните земји.
– Ние одиме со пазарна цена, а таа во моментов е 10 до 12 денари. Повисока е од онаа во Србија од каде што увезуваме најмногу пченица. Тука е пресметан и трошокот за превоз, ако се увезуваат дополнителните количини кои секоја година недостигаат. Во Србија тон пченица сега оди за 150 евра или откупната цена таму изнесува 18-20 динари по килограм (околу 8 – 10 динари) – вели Горан Малишиќ, претседателот на Групацијата на мелничко пекарската индустрија во Стопанската комора.
Тој додава дека од оваа цена мелничарите не можат да отстапат бидејќи пониска цена ќе ги однесе во загуби.
– Дадовме дури и повисока цена од соседите и ветување дека ако и секоја година ќе ги откупиме целокупните количини пченица. И на светскиот пазар цената на пченицата е 200 долари по тон. На другата страна имаме производ кој има голема конкуренција на пазарот. Имаме увоз на српско брашно со цена од 15,5 денари без ДДВ. На вратот ни стои закана дека поради високите цени можно е државата да донесе мерки за намалување и на цените на брашното што ги имаме сега. Тоа заедно со конкуренцијата е директен удар врз нашето работење – вели Малишиќ.