Обука на земјоделците за да добијат грантови

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Грантови во висина до 300.000 денари ќе добијат 55 земјоделци од Радовишко и од Струмичко за набавка на земјоделска опрема и материјали. Оваа неповратна помош се доделува преку програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамки на проектот за управување со сливот на реката Струмица, кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

obuka na zemjodelcite za da dobijat grantovi

 

Како што информираа од УНДП, опремата и материјалите ќе ги добијат најдобрите учесници на обуката за агроеколошко производство, која ќе се одржува од јули до ноември годинава.

“Co обуката ќе бидат опфатени 25 производители на сливи, јаболка или на круши од Радовиш и од Конче, како и 30 производители на пиперки и на домати, без оглед дали е на отворено или во затворен простор, од Струмица, Ново Село, Василево и од Босилево”, велат од УНДП.

Заинтересираните за обуката и за грантовите ќе може да се пријават до 10 јуни годинава, обуката ќе се одвива од јули до ноември, а во декември ќе има тестирање.

Пријавата и деталите за учество во програмата ги има на веб-страницата www.rdc.mk/southeastregion, а печатени примероци може да се добијат во канцелариите на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион во Струмица и во општините Радовиш, Конче, Струмица, Ново Село, Василево и Босилово.

“Co проектот треба да се воведат сеопфатни мерки, со кои ќе се подобри еколошкиот статус на целокупното сливно подрачје на реката Струмица, a преку агроеколошките мерки да се зголеми и конкурентноста на земјоделското производство во регионот”, велат од УНДП.