Од Турција се обезбедени 500.000 вакцини за сипаници кај овците, се бараат и од ЕУ
ВНИМАНИЕ - самостојното набавување и применување вакцина на сопствен трошок и без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирано во согласност со важечките прописи.
Од Република Турција се обезбедени 500.000 дози вакцина против сипаници кај овците како донација, кои се очекува да пристигнат деновиве, а до Европската комисија е доставено барање за дополнителни количества – соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по денешната прес-конференција на Сојузот на одгледувачите на овци и упатениот апел за преземање итни мерки против ширењето на болеста.
МЗШВ информира и дека повторно е побарана и стручна поддршка од тимот EUVET на Европската комисија. Пред примената вакцините задолжително ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота, а вакцинирањето ќе почне по потврдувањето на резултатите, според официјален план и под контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Воедно, ги предупреди сточарите дека самостојното набавување и применување вакцина на сопствен трошок и без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирано во согласност со важечките прописи.
– Во таков случај сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени за сузбивање и искоренување на болеста. Неконтролираната примена на вакцини може да го отежни епидемиолошкото следење, да ја намали ефикасноста на преземените мерки и да создаде дополнителен ризик за стадата. Поради тоа, вакцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби според официјален план и под непосреден надзор на АХВ, -наведува МЗШВ.




