fbpx
Вести

Органски овошки од Железна Река

Пред три години Боге и Александар Крстевски, татко и син, во своето родно село Железна Река почнаа да се занимаваат со органско одгледување лешници, ореви, аронија, малини, јагоди и костени, без употреба на хемикалии. Во изминативе три години, специјална комисија го надгледува производството и потоа им доделува сертификат дека производството е органско.

– Идејата за плантажно одгледување овошки беше на син ми Александар. Ја прифатив и не згрешив. Под концесија добивме 18.400 квадратни метри државно земјиште, кое беше обраснато со трева и густеж, ги споивме со сопствената земја на 6.000 квадратни метри. За неколку месеци успеавме да ги отстраниме трњето, густежот и тревата, го заградивме целиот простор, засадивме садници и воведовме систем за наводнување капка по капка – ни вели Боге Крстески.

Неговиот син Александар го дополни татка си, додавајќи дека кога се работи со љубов, за да се остварат идејата и големата желба да се создадат услови за органско и сертифицирано производство, ништо не е тешко.

– За реализација на зафатот вложивме околу 30.000 евра, но тука не се внесени трошоците на нашиот труд – додава Александар Крстевски.

Овошките што се органски, по три години одгледување, есенва им донесоа род, со задоволителен квалитет и квантитет.

– Во наредните години квантитетот на производството значително ќе се зголеми, бидејќи засадените дрва се сертифицирани и производителот гарантира дека по секоја година квантитетот на родот по дрво ќе се зголемува и за одреден период ќе го достигне максимумот. На пример, едно дрво на лешник по петтата година треба да даде род околу 10 килограми и на тој начин производството ќе биде рентабилно – со задоволство објаснуваа синот и таткото Крстевски.

Во наредниве години планираат да ги зголемат површините за органско производство на овошки, да набават механизација за редовно косење на тревата, за сушење, калибрирање и пакување на производите. Наедно сакаат да ги поттикнат и другите жители од нивниот роден крај, железноречанци, и тие да тргнат по нивниот пат, со заеднички сили да го зголемуваат производството, а наедно да ги намалат трошоците и да го зголемат профитот.

Александар, кој е градежник, планира да се откаже од градежништвото и целосно да се посвети на одгледување на овошките. Тој со семејството планира да се врати во селото, постојано да живее тука и очекува да биде успешен производител.

Гостиварското село Железна Река претставува посебен регион и има голем неискористен потенцијал на запоставени обработливи површини што се обраснати со трње, иако има квалитетни пасишта за развој на овчарството, краварството и козарството. Рајко Крстевски се занимава со одгледување овци и крави, Боре Арсовски со крави, а Стево Огњановски со овци. И тие планираат да ги искористат поволностите што ги нуди државата за зголемување на производството. Од општинскиот центар Гостивар, Железна Река е оддалечена околу 20 километри и се пристигнува за половина час. Атарот се простира на 226,2 хектари, од кои 22,4 хектари е обработливо земјиште и се простира на надморска височина од 600 метри кај маалото Реканци, а највисока е кај маалото Ралевци – 1.250 метри.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close