вести

Органското производство може да биде профитабилен агробизнис

jagodi

Органското производство може да биде профитабилен агробизнис. Дека е така потврдува примерот на  Бранко Атанасов од Струмица, дипломиран земјоделски инженер, сертифициран органски производител на овошје и засега единствениот производител на органски јагоди под пластеници во државата. Со органско производство започнал да се занимава пред десет години. Стартувал  со повеќе видови овошје, а последните  неколку години најголемиот дел од површините ги наменил за органските јагоди.

,, Јагодата како култура е доста интересна, најпрво затоа што е барана на пазарот, но и затоа што прва се појавува на пазарот во Македонија како овошје. Ја искористив и можноста да направам пластеник и да бидам уште порано на пазарот. Знаејќи дека за да се постигне една добра квалитетна јагода треба да има неколку третмани со хемиски препарати се одлучив да преминам во органско производство со примена на природни препарати.,, вели Бранко Атанасов – дипл. зем. инженер – производител на органски јагоди

Атанасов вели дека трансферот од конвенционално во органско производство е многу лесен, а доколку се применуваат добрите земјоделски практики освен поголемиот труд, трошоците за производство се скоро исти.

,, Јас сум убеден дека перспективата е во органското производство посебно поради тоа што во Македонија има одлични услови за развој на тоа органско производство и за обезбедување на здрава храна.  Не е воопшто тешко да се произведе органска храна, потребно е само малку едукација и малку желба на производителите да преминат од конвенционално во органско.,, вели Атанасов

Побраувачката за органски производи е голема и затоа пласманот во моментов е најмалиот проблем за овие производители. Засега целокупното производство завршува на домашниот пазар бидејќи и покрај интересот од голем број странски пазари во моментов македонските производители немаат доволно количини со кои може да одговорат.

,, Пазарот на органски производи е во подем.Од година во година се зголемува побарувачката на органската храна што значи пласман има обезбедено. Секој што ќе се реши да биде органски производител најмалку треба да размислува за пласман затоа што тој нема да бара пласман, туку него ќе го бараат и неговите органски производи.,, додава Атанасов

Золемениот интерес за органската храна е основната причина поради која Атанасов веќе размислува да го прошири неговото производство. А покрај јагодите кои во моментов ги има на површина од  800 метри квадратни планира и поголеми површини на други видови овошје со што ке ја збогати  понудата.


 

сител.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close