fbpx
Вести

Оризопроизводителите жнеат загуби

Ниска откупна цени, слаб пласман на производството и неконкурентност се проблемите со кои постојано се соочуваат оризопроизводителите. Цената на светските берзи е реална и се базира на трошоците на производство, меѓутоа проблемот е во тоа што производствените трошоци се повисоки поради поскапите препарати. Тие велат дека токму тоа нив ги става во подредена положба и го прави македонскиот ориз неконкурентен на европскиот пазар. Дополнителен проблем на кочанскиот ориз годинава му нанесе и информацијата за присуство на генетски модифициран ориз на македонскиот пазар.

Како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, производството на ориз во последниве три години бележи огромен пад. Во 2017 година тоа изнесувало 17.080 тони, што претставува намалување во споредба со 2016 година, кога биле произведени 24.792 тони, а пак во 2014 година производството на ориз изнесувало 30.500 тони.

Според претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски, во СФРЈ, во двете подрачја со најпогодни климатски услови за одгледување ориз, кочанскиот и велешкиот, биле произведувани количества доволни да ги задоволат потребите на 25 милиони потрошувачи.

– Опаѓањето на тоа производство почна со словенечкиот увоз на поевтин и понеквалитетен ориз од Тајван. Тоа одеше дотаму што оризот речиси исчезна од нашите полиња. Пред десетина години производството се возобнови и со помош на субвенциите се поврати дел од некогашниот сјај – вели Станковски.

Тој додава дека и откако се подобри состојбата, сепак се појавија многу други пречки, како што се воведувањето низа нови стандарди кај преработувачите што им го подјадуваат профитот, политичките расправања, редуцирањето на бројот на преработувачите, со што се овозможи формирање монопол во откупот и преработката на оризот, а со тоа и губење на конкурентноста и на пазарите.

– Тоа е резултат на низа негативни појави што се случуваат во многу сегменти од нашата државна власт. Моменталната цена на оризовата арпа се движи од 15 до 17 денари, ретко 18, додека производителите проценуваат дека таа треба да не биде под 20 денари, за да се покријат сите трошоци на производство и да останат средства за подготовка за наредната сезона – смета Станковски.

Следна причина поради која оризот во светски рамки е „доволен“, па цената дури може и да паѓа, според него, е зголемувањето на производството на сурогат ориз, кој без никаков проблем може да се произведе од многу поевтини и подостапни суровини.
– Во светот, населението што најмногу консумира ориз е сѐ повеќебројно и со поголем стандард, па би било нормално оризот да има повисока цена. Но тоа не се случува. Големите корпорации не сакаат да зависат од земјоделците и во своите производи вметнуваат сѐ повеќе сурогати, па така и за оризот, кој може вештачки да се произведе – вели Станковски.

Како што нагласува тој, за да се одржи македонското производство е потребно да се активира и да најдат решенија за пласманот и за организираното производство.
Затоа оризопроизводителите бараат од државата да дозволи увоз на сертифициран семенски материјал, односно да го задолжи Земјоделскиот институт да ја преземе таа надлежност, наместо трговците што продаваат семе за кое не знаат дали воопшто ќе даде некаков принос.

Производителите на ориз се пожалија дека годинава имале проблем и со набавката на заштитни препарати, бидејќи на пазарот се нашле поголеми количества што биле увезени без дозвола.

Поради нелојалната конкуренција со цените, овластените увозници беа принудени да го намалат увозот, што предизвика недостиг од одделни препарати.
Недостигот од заштитни препарати ја зголеми нивната цена на чинење, која во Македонија е повисока од оние кои се продаваат во Италија и во Турција.

– Чинењето на производството не е исто. Во Италија, на пример, цената на препаратот за еден хектар е половина од цената по која се продава кај нас – вели Мијалче Кузманов, производител на ориз од селото Чешиново.

Во Турција, пак, цената на препаратите и ѓубривата е трипати помала во однос на таа што ја плаќаат македонските оризопроизводители.

Актуелната цена за килограм арпа е 18 денари, а белиот ориз од италијанските сорти се откупува за 38 и 40 денари за килограм. Од годинашната реколта се очекува да се ожнеат над 26.000 тони оризова арпа, но поради проблемите со откупот, земјоделците се сомневаат дека ќе можат да го продадат.

Од Министерството за земјоделство велат дека долгорочно решение на проблемот е конкурентно производство, односно преку поевтини репроматеријали, како т.н зелена нафта, семе, ѓубрива и препарати и преку навремена исплата на субвенциите, за да се намали производствената цена на оризот и на тој начин да им одговара и на земјоделците и на откупувачите.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close