Осигурувањето е најефикасна заштита на родот

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

И покрај штетите што постојано ги трпат од поплави, град и мразеви, земјоделците не покажуваат голем интерес за осигурување на своето производство преку осигурителните компании. Тие се уште многу малку ја користат можноста да ги осигурат своите посеви иако државата дава субвенција од 60 отсто од вредноста на осигурителната полиса. Мал е и бројот на тие што искористиле субвенција за набавка на заштитни мрежи против град за овоштарници, лозја и раноградинарски насади. Причините за ова лежат во тоа што индивидуалните земјоделци не се доволно информирани за бенефитите што ги нуди осигурувањето, како и во очекувањата дека државата ќе ги обесштети во случај на временски непогоди.

osiguruvanjeto e najefikasna zashtita na rodot

 

Сепак, од 2008 година, кога Министерството за земјоделство ја воведе мерката за финансиска поддршка на земјоделското осигурување, па се досега постепено расте интересот кај земјоделците да склучат полиси, односно да не чекаат само од Господ или од државата, туку нешто да преземат за самите да си помогнат и да си ја олеснат работата. Така, ако во првата година посевите ги осигуриле само 146 земјоделци, лани оваа можност ја искористиле 5.000 индивидуални производители од 70.000 земјоделци колку што се официјално регистрирани кај нас. Kога ќе се повлече линија под овие бројки, јасно е дека и покрај поволностите и субвенциите што ги дава државата, се уште е мал бројот на осигуреници во споредба на бројот на регистрирани индивидуални земјоделци.

Фармерите велат дека најголем проблем е што како основно осигурување се сметаат само град, пожар и гром, а осигурувањето од поплави, пролетен мраз и бури е дополнително осигурување, што екстремно им ја покачува сумата на премијата. А токму од овие непогоди најмногу страдаат земјоделските насади, па поради тоа во вистинска насока се укажувањата дека мора да најде начин на земјоделците да им се олеснат процедурата и финансискиот товар за да го осигурат свој труд.

Што може да се направи за да се зголемат површините со земјоделски култури заштитени со осигурителна полиса од град, громови, поплави, пожар, неквалитетно семе, рани мразеви? Еден од моделите е тој што се применува во поразвиените земји, каде што премиите и субвенциите не се исплаќаат ако земјоделците не се осигурени. Но, секако, наместо ваква репресивна мерка, многу подобро и поефикасно ќе биде ако и двете страни преземат заеднички чекор.

Осигурителните компаниите да направат отстапки кон земјоделците за тие да стекнат доверба и навика да ја осигуруваат својата реколта, а фармерите подобро да се информираат за предностите на осигурувањето за да не чекаат отштета од државата секојпат кога нивниот род ќе претрпи штети од град или од друга непогода. Подобрата комуникација и информираноста се должност на осигурителните компании, Агенцијата за развој на земјоделството, како и на сите здруженија и асоцијации на земјоделците, кои ќе организираат едукативни состаноци со кои ќе ја подигнат свеста за неопходноста од осигурувањето на посевите.

Share Button