
Отворање на првиот Едукативно – технолошки центар за развој на пчеларството во Македонија
Центарот ќе биде регионален катализатор на знаење, каде пчеларите, особено жените претприемачи во пчеларството, ќе можат практично да се запознаат со напредните технологии за екстракција, преработка и пакување на пчелните производи во согласност со највисоките хигиенски и технолошки стандарди.
Во рамки на проектот „Жените пчеларки како двигатели на позитивни промени во Република Северна Македонија“, финансиран од Владата на Словенија, задутре ќе биде отворен Националниот пчеларски центар, прв од ваков тип во земјава.
Како што информира Развојната и хумантирна агенција АДРА Македонија, Центарот ќе биде регионален катализатор на знаење, каде пчеларите, особено жените претприемачи во пчеларството, ќе можат практично да се запознаат со напредните технологии за екстракција, преработка и пакување на пчелните производи во согласност со највисоките хигиенски и технолошки стандарди.
-Современите предизвици во пчеларството бараат стручен пристап, едукација и соодветна техничка опременост. Новоотворениот погон е опремен со современа професионална опрема и нагледни средства. Преку организирани обуки, работилници и практични демонстрации,центарот ќе овозможи пренос на стручни знаења,подигање на квалитетот на македонскиот мед и зголемување на конкурентноста на пазарот, наведуваат од АДРА.
Проектот „Жените пчеларки како двигатели на позитивни промени во Република Северна Македонија“ веќе четврта година се имплементира од страна на Развојната и хумантирна агенција АДРА Македонија.




