
Овчарите бараат итно обештетување за угинатите овци од овча сипаница и право да земат субвенции
Согласно правилата, на истото место каде е констатирана болеста, треба да поминат најмалку шест месеци за сточарите да можат повторно да чуваат добиток.
Над 10.000 грла овци угинаа во изминатите месеци поради болеста овчи сипаници. Оваа болест кај ситните преживари го зафати Источниот регион на државата и предзвика значителна штета кај сточарите. Сега сточарите се во грч дали реално ќе бидат обештетни според бројот на грла, расата на овци и дали ќе оставарат право на субвенции со празни бачила поради угинатата стока.
Согласно правилата, на истото место каде е констатирана болеста, треба да поминат најмалку шест месеци за сточарите да можат повторно да чуваат добиток.
Министерот за земјоделство Борче Серафимовски од Битола најави дека вакцините за овча сипаница ќе стигнат во државата за неколку дена.
Болеста овча сипаница го зафати и стадото на Јаворка и Тони Димови од Свети Николе. После 30 години чување овци, Димови вчера останаа без стока. Оваа ситуација тешко ја поднесе Јаворка Димова (48) која вели дека од 18 години е со овците.
„Ни уништија 200 грла овци и не оставија со празно бачило“, вели Димова, чија фарма е во близина на Свети Николе. Таа е една од жените сточари позната во јавноста како производител на највкусното овчко сирење.
„Условот да земеме субвенции по грло е да ги чуваме овците до 1 ноември, нашето стадо е угинато дваесетина дена порано. Сега прашувам, дали ова значи дека нема да земеме субвенции иако сме ги чувале безмалку една година овците?“, прашува Јаворка. Според неа со уништувањето на овците се доведува до прашање понатамошната егзистенција на семејствата на сточарите, на одгледувачите на овци, за што државата мора да најде начин да ги обештети праведно за да не останат без егзистенција.
Министерот за земјоделство Борче Серафимовски денеска беше во Битола и запрашан за овие проблеми на одгледувачите на овци вети решенија.
„Процедурите кои се спроведуваат од страна на АХВ, односно инспекторите излегуваат на терен и констатираат кога имаме заболени животни и угинување на животни и се подготвува записник. Со овој записник сточарите ќе имаат можност да се обратат до Платежната агенција и сите процедури кои што се потребни ќе бидат спроведени за истите сточари да не ги изгубат директните плаќања кои се предвидени“, порача Серафимовски.
Министерот вели дека будно ја следат ситуацијата со болеста овци сипаници. Тој најави средба со Сојузот на одгледувачи на овци и изнаоѓање на решенија во полза на сточарите. Оцени дека состојбата со сипаниците кај овците се стабилизира и дека засега ширењето е ограничено на Источниот Регион, кој е еден од најпогодените. Додава оти сточарите постапуваат согласно сите пропишаните мерки, односно ги изолираат стадата, поради што се намалува бројот на заболени грла.
Според Серафимовски досега од Европската Унија се обезбедени 450.000 вакцини против сипаници кај овците и козите и дека е добиена дозвола за нивна употреба.
Тој вели дека вакцините ќе бидат во државата околу 10-11 октомври.




