
„Пародија“ во Струмица – МВР ќе ги казнува земјоделците што ќе протестираат со нерегистрирани трактори
Земјоделците во претходните четири протести излегоа на улиците со трактори и приклучна земјоделска механизација.
СТРУМИЦА – Струмичките земјоделеци за денеска во 11 часот најавија блокада на подрачната канцеларија на Министерерсвото за земјоделство незадоволни од откупната цена на пиперката „ајварка“, но од МВР добиле насоки дека ќе ги проверуваат и казнуваат нерегистрираните трактори и приколки, објави https://nezavisen.mk/parodija-vo-strumica-mvr-kje-gi-kaznuva-zemjodelcite-shto-kje-protestiraat-so-neregistrirani-traktori/
Оваа информација јавно ја сподели организаторот „Месно здружение на млади Муртино“ пишувајќи дека има новитет во однос на претходните блокади на крстосниците во Струмичкиот регион велат дека МВР одлучило на денешниот протест да биде крајно професионално.
Земјоделците во претходните четири протести излегоа на улиците со трактори и приклучна земјоделска механизација.
„Новитет во однос на претходните неколку блокади е тоа што МВР одлучи овојпат да биде крајно професионална и да се приддржува строго до законите, односно овде имаме две ситуации: МВР ќе ги проверува и казнува нерегистрираните трактори и приколки доколку се појават такви и МВР ќе ги запишува тракторите за непочитување на знаци кои не дозволуваат движење во централното градско подрачје (глоба 45 евра)“, објавија организаторите од „Месно здружение на млади Муртино“.
Сепак потиштени што откупната цена на „ајварката“ за индустријата повторно са врати по старо 25 денари за килограм, организаторот „Месно здружение на млади Муртино“ пишува да се имаат во предвид овие информации од МВР и одговорностите кои произлегуваат, но сепак блокада во Струмица ќе има, „дали со трактори или автомобили не е важно“.
„Оваа информација не дозволувајте да не премисли во намерите, туку да не направи помудри, Станете и држете се сплотени“, порачуваат организаторите на протестите, со напомена дека блокадата ќе се случи на десната страна од булеварот „Ленинова“, на страната на МЗШВ.
Ваквата информација наиде на реакции кај земјоделците на фејсбук страната на организаторите.
„Земјоделецот од сите страни окупиран, секоја чест и за санкциите што ги измислиле. Не знаев дека и на закажан протест има казни? Дали негде во светот има такво нешто, да се казнуваат луѓето кои протестираат“, вели Далибор.
Сања пишува –„Се по грбот на земјоделците, глупост невидена проверка ќе правиле…цццц, да не беше жално ќе беше смешно, срамота на пола вработени во МВР родителите се измачените земјоделци со старата механизација, да цветаше земјоделието друг ќе беше муабето, ама дека што има сила правда нема!“
Златко пишува – „Нека не ве заплашуваат, кој ќе контролира колона од 500 трактори…ова е притисок да се откаже протестот, погледнете каков хаос прават француските и грчките земјоделци.“
Друг коментира дека „Ова само ја потврдува решителноста на земјоделците. Заплашување на сопствениот народ, само затоа што решил мирно да го крене својот глас? Наместо институциите да го заштитат измачениот земјоделец, тој добива најави за контроли, казни и санкции. Каква порака испраќате — молчете или ќе ве казнуваме? Никој не бара да биде над законот, но законот мора да важи еднакво за сите, а не да остава впечаток дека се користи како средство за притисок кога народот е незадоволен. Доста го потценувате земјоделецот. Народот ве донел на власт, народот може и да ве смени. Незадоволниот народ не се замолчува со страв — неговиот проблем се решава!“, пишува граѓанин.
Има и коментари кои ја поддржуваат намерата на МВР.
„Законите мора да важат за сите така и за земјоделците, што значи со нерегистриран трактор на јавен пат тоа е кривично дело за кое следува и треба да следува казна во овој случај МВР е во право“, пишува Зага.
Тоше коментира : „Многу сте мирни земјоделци!!! Многууу и премногу!!!“
Денеска земјоделците објавија дека на протестите во 11 часот ќе „се појави“ и министерот за земјоделство Борче Серафимовски.
Земјоделците на овој протест ги повикаа сите градоначалници од Струмичкиот регион, како и премиерот Христијан Мицкоски.
Производителите на пиперка – куртовска капија излегуваат на нов протест бидејќи како што велат само четири дена откупувачите ја почитувале зголемената цена од 30 денари за килограм пиперка, потоа продолжиле да откупуваат по 25 денари за килограм како што беше на самиот почеток од откупот. Оваа цена според земјоделците не им ги покрива производствените трошоци и го турка во големни загуби. Дополнително градинарите се уште немаат земено субвенции за 2025 година.



