Пензионерите наместо најавените 6,8 отсто добија покачување од 5,3 отсто
Пензионерите затечени
Наместо 6, добија плус 5,3 отсто. Пензионерите денеска ги добија новите, покачени пензии. Но, зголемувањето не е според ветеното од пред два месеци, кога на пензионерите им беше најавено дека со усогласувањето на пензиите, ќе добијат покачување од 6 отсто.
Од Министерството за труд велат дека ова зголемување е второ годинава и е соголасно методологијата за раст на пензиите, според која 50 отсто отпаѓа на зголемените трошоци за живот, а другата половина на на порастот на просечната плата.
– Процентот на зголемување на пензиите се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.Согласно оваа методологија и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември е зголемена за 5,3%.
Пензионерите се затечени и велат дека Владата не си го одржала ветувањето ниту за усогласувањето, а камо ли за нивните барања, кои сега се променети. Откако неколку месеци протестираа барајќи линеарно по 3500 денари плус, сега бараат зголемување од 6000 денари за сите пензионери и минимална пензија од 20 илјади денари.
Од друга страна, невладини организации кои се занимаваат со економски прашања, во своите анализи предупредуваат дека Фондот за пензиско е во дефицит од 33 отсто и секое зголемување на пензиите надвор од законското усогласување може да ја зголеми дупката во Фондот. Експертите пак велат дека само со зголемување на продуктивноста, ќе се зајакне и самоодржливоста на Фондот и ќе се овозможи повисок раст на пензиите.
Според новото зголемување, оние кои имаат најниски пензии сега ќе добијат зголемување од околу 600 денари, а кај оние со највисоки примања, ќе добијат по околу 3600 денари плус. Во месец март пензиите беа зголемени за 8,4 и заедно со 5,3 отсто сега, покачувањето за годинава изнесува вкупно 13,7 отсто. Незадоволни од ова, пензионерите најавуваат дека нема да престанат со протестите и блокадите, пренесува Тв 24 вести .