fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Роберт Коцев-Од воено лице до врвен мајстор за производство на ладно цедени масла

Нашите масла се храна и лек, вели Коцев

Роберт Коцев е 53 годишен радовишанец кој се занимава со производство на висококвалитетни ладно цедени масла. Покрај маслото од сончоглед на палетата производи е и маслото од афион кое станува хит кај потрошувачите, маслото од орев и маслото од семки од тиква. Тој искрено се надева дека преку нивниот  погон за масло ќе обезбедат егзистенција за многу фамилии кои се занимаваат со земјоделие и ќе гарантираат откупно производство.

Нема достапен опис

Коцев е родум од Ораовица а за „Зелена берза“ раскажува како го отпочнува бизнисот со производство на масло за јадење.

Коцев  воено лице. По завршеното средно образование се запишал на Воената академија во Белград,  по распадот на Југославија во 1992 година, се вратил во како што вели „мојата Македонија“ каде ја дозавршил последната година од Воената академија и во 1994 ја започнал својата активна воена кариера. Живее во Скопје, во Радишани, со сопругата, синот и ќерка.

Нема достапен опис

-Се уште сум активен офицер во Армијата, специјалист за телекомуникации. Веќе 15 години се занимавам со уметност како хоби, каде наоѓав мир и спокој, креирајќи уникатни  уметнички предмети од  дрво. Уметноста ми помогна да си го уредам мојот дом со уникатен рачно изработен мебел и да ја уредам мојата галерија, која беше предмет на интерес на скоро сите медиумски ТВ куќи и беа снимени безброј ТВ проекти. Интересен  сплет на околности ме внесе во светот на бизнисот со масло за јадење, односно производство на висококвалитетни ладно цедени масла, вели Роберт за „Зелена берза“.

Нема достапен опис

Како почна приказната со производство на висококвалитетни ладно цедени масла? 

Приказната почна 2020 година кога мојот кумашин Александар Димитриевски, кој беше сопственик на објектот, побара од мене да му помогнам да поставиме современ погон за производство на масло за јадење. Со многу ентузијазам, голема верба и многу љубов, двајцата ја поставивме фабриката со иновативен процес на ладно екструдирање на квалитетни масла за јадење. Имено се работи за модерна фабрика со високи стандарди за производство на храна со сертификат за ХАСАП стандард. Погонот е лоциран во индустриска зона, во општина Чучер Сандево, во месноста викана Бел Камен. Уште на самиот почеток верувавме, дека имаме капацитет да поставиме семеен бизнис, во кој основа за успехот ќе биде семејната хармонија и позитивната енергија. Токму таквата енергија ни беше водилка во ова исклучително тешка, но благородна мисија за да успееме да ја реализираме комплетната бизнис идеја. Од пред половина година во бизнисот ни се придружи и мојот син Кристијан Коцев, кој се врати од странство, зашто беше фасциниран од нашата бизнис идеја и со многу мотивација се вклучи во сите наши проекти. Нашите потенцијални соработници и фанови можат да ги пратат нашите активности на нашата ФБ страница „Био Оил Вкусот на Сонцето“.

Нема достапен опис

Од каде ги научивте „тајните“ на производство на ладно цедени масла?

Иако јас го водев проектот при поставувањето на погонот за производство, сепак мојот кумашин Александар е стручњакот во процесот на производство на маслото и од него ги научив сите тајни на производството на оваа скапоцена течност. Првите количини на ладно цедено масло од нашиот погон ги произведовме пред  околу една година, а тоа беше сончогледово ладно цедено масло. Охрабрени од квалитетот на маслото,  асортиманот го проширивме со ладно цедено афионово масло за кое нескромно можам да кажам, дека сме први во регионот, а меѓу најквалитетните масла на светско ниво. Истото има многу силна лековита моќ и веќе е барано од луѓе, кои страдаат од разни здравствени проблеми. Од афионот произведовме и намаз, кој е вистински деликатес, а има и здравствени придобивки. Од неодамна асортиманот го проширивме со ореово масло и масло од семки од тикви, кои исто така важат за атрактивни масла и имаат исто така корисно дејство на човековото здравје.

Нема достапен опис

Од каде ги набавувате суровините?

Суровините се од домашно производство. Сончогледот е од Пелагонија, а афионот и оревот од мојот роден крај Радовишко. Македонија има поднебје, каде се произведуваат екстра квалитетни маслодајни суровини, а по светските анализа утврдено е дека нашиот афион е најквалитетен на светско ниво. Општопознато е дека ако имаш квалитетни суровини ќе имаш и квалитетен производ. Тоа важи и за маслото, при што освен квалитетните суровини многу важен момент е и нашата моќна машина за екструдирање и современиот модерен процес на производство, кој ги задоволува највисоките стандарди за производство на храна.  Преку преработката на домашните суровини, имаме намера и да допринесеме за враќање на Македонските земјоделци на нашите плодни ниви. Искрено се надеваме дека преку нашиот погон за масло ќе обезбедиме егзистенција за многу фамилии кои се занимаваат со земјоделие и ќе гарантираме откупно производство.

Нема достапен опис

Што значи сопствен бизнис според вас,  со оглед на досега стекнатото искуство?

Сопствен бизнис значи многу предизвици, многу проблеми субјективни и објективни. Голем дел од нив се од надворешен фактор, каде баш и немаш моќ да дејствуваш. Но во секој случај за успешен бизнис треба добар менаџер и лидер, одговорен и стручен колектив и професионализам на секое ниво. За жал, за ова кратко време увидовме дека овие критериуми недостасуваат кај огромен број од македонските фирми.

Нема достапен опис

Кои се проблемите со кои се соочувате?

Недостасува професионализам во македонскиот бизнис сектор. Како нова фабрика, понудивме соработка со голем број на дистрибутивни компании, кои немаа слух за нашите производи со изговор, дека тие имаат сопствен увоз на маслиново масло кое е малтене слична и поевтина цена од нашето. Точно е дека на македонскиот пазар се присутни разни масла, претежно маслинови со ниска цена и сомнителен квалитет. Многу симптоматично е дека некои производи имаат малопродажна цена пониска од производствената, а на тоа се додава плус пакување, транспорт, царина, дистрибуција и маркет. Поради нискиот животен стандард на нашите граѓани, сето ова поминува во малопродажбата што на нас ни предизвикува нелојална конкуренција.

Нема достапен опис

Што е она што ве охрабрува?

Нашиот квалитет не охрабрува. Нашата убава и чиста приказна ни дава мотив плус да продолжиме. Реакциите на луѓето кога ќе го пробаат нашето масло и нивните комплименти не мотивираат  да продолжиме по овој пат. Пораките кои ги добиваме од луѓето кои страдаат од разни здравствени проблеми, а со нашите масла осетиле подобрување покрај сите скапи лекарства кои ги користеле ни дава стимул плус. Ние досега имаме направено многу настани каде нашите фанови уживаат во дегустирањето на нашите масла и сите се изјаснија дека понатаму нема да купат друго масло освен нашето. Ова се тие моменти кои ни кажуваат дека нашите масла имаат светла иднина како на домашен пазар, така и на светскиот пазар.

Нема достапен опис

Колку државата е поддршка за вакви мали бизниси?

Знаеме дека државата располага со многу фондови за помош на мали бизниси. Редовно  излегуваат конкурси од ФИТР и ИПАРД, каде ние досега аплициравме на неколку од нив, но без успех. Не се откажуваме ќе продолжиме, искрено веруваме дека нашата приказна ќе ја слушнат комисиите во тие проекти, а нашата упорност ќе се исплати. Неодамна аплициравме за проект на Швајцарската амбасада и веќе ја имаме нивната поддршка за проектот кој го презентиравме за „Помош на мали бизнис за зголемување на ефикасноста во продажбата“

Нема достапен опис

 

Што треба да направи државата да ги поттикне луѓето да се испробаат во светот на претприемачите?

Пред се државата треба да ги стимулира трговците да ги форсираат македонските производи. Веќе го спомнав тој проблем, каде сомнителни производи од увоз ги истиснуваат македонските квалитетни производи. Впрочем тоа е и целта на проектот од Швајцарската амбасада кој претходно го спомнав, каде треба Македонските производи безрезервно да бидат пласирани на домашниот пазар. Сметаме дека треба да се донесе закон со кој ќе ги обврзува македонските трговци да ги пласираат македонските производи во малопродажната мрежа. Ние го слушнавме гласот на голем број македонски фирми и сите го имаат тој проблем. Дури има коментари дека подобро успеваат на странскиот пазар отколку на домашниот. Тоа е најголемиот проблем на домашните претприемачи.  Ова го знаат и тие што размислуваат да започнат сопствен бизнис, имаат бизнис идеја, но не ја реализираат.

 

Кои се вашите планови за во иднина?

Нашите планови во иднина се максимално да се посветиме на развој на производството на квалитетни масла за јадење. Имаме предизвици да го зголемиме асортиманот на масла од семки од грозје, маслодајна репка, лен и лешник. Од друга страна пак, ќе се развиваме и со производи од нашите масла, како разни намази и комбинации со други производи. Во контекст на ова, сакам да кажам дека кога имате чисто и квалитетно масло, имате неограничени можности. Од пред  два месеца во населба Аеродром отворивме специјализиран маркет за масло „Шарла’ан“,  кој носи име од нашата традиција, уреден во уметнички стил со можност и за точење на масло по желба на потрошувачите. Во иднина планираме да отвориме вакви маркети на повеќе локации во Скопје.  И на крај ги советуваме нашите сограѓани, да користат квалитетни ладно цедени масла во исхраната. Маслото не е само средство кое се користи проформа во исхраната како што ние стекнавме впечаток, туку тоа е основно средство кое предизвикува разни болести го зголемува холестеролот, шеќерот и други нарушувања ако е неквалитетно масло или пак истите проблеми ги решава ако се работи за чисто ладно цедено масло. Затоа сметаме дека нашите масла се храна и лек.

Нема достапен опис

Рачна изработка на Коцев.

Нема достапен опис

А. Блажевска

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close