Поевтини млечни производи по Нова година
Намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини од јануари.
Намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини од јануари.
Според Стопанската комора на Северна Македонија, млечните производи што ќе се произведуваат од 1 декември натаму, со евтина струја, ќе се продаваат по Нова година.
-Млечната индустрија е специфична поради подолгите неколкумесечни процеси на производство. Ферментирањето за дел од производите како кашкавал или сирење, трае два до три месеци. Тоа што сега ќе се произведе во млечната индустрија, ќе се продава од јануари натаму или производите со евтина струја ќе се продаваат после Нова година. Малку поразлично е во пекарската индустрија каде многу побрзо може да се чувствуваат позитивни ефекти и намалување на цените, објаснуваат од Стопанската комора.
Оттаму нагласуваат дека секоја компанија ќе ги намалува цените на производите зависно од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти.
-Тоа не е случај зашто во изминатиот период, почнувајќи од 2021 година и особено со почетокот на украинската криза, суровините од кои сме многу зависни се во постојан раст, а како држава немаме влијание на тој процес, потенцираат од Комората.