
Пожарникарите спасија теле од пожарот на Китка
Телето било исплашено и беспомошно, но пожарникарите успеале да го извлечат од опасната зона.
Во борбата со големиот пожар што беснее над селото Палиград на планината Китка, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје спасиле и едно мало теле оставено на опожарениот терен.
Како што велат од Центарот за управување со кризи, телето било исплашено и беспомошно, но пожарникарите успеале да го извлечат од опасната зона. Убавата вест со фотографија ја сподели директорот на ЦУК, Мухамед Али.
„Вчера додека бев на лице место на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка, покрај тешката борба со пожарот имавме и една несекојдневна и убава случка. Во метежот и огнот, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеаја да спасат едно мало теле кое останало на опожарениот терен. Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден.Во вакви моменти, секој спасен живот е важен. А денес, меѓу огнот и пепелта, успеавме да спасиме и едно мало суштество. За жал, пожарите не ја загрозуваат само природата, имотот и животите на луѓето. Загрозени се и животните, кои често остануваат беспомошни пред огнената стихија“ објави на Фејсбук Али.




