fbpx
ВестиТоп вести

Сушата ќе го изгори приносот од пченица

Драстично помал принос од пченицата може да се очекуваат оваа година поради сушата што ја зафати нашата земја изминатата есен. Намалување на приносот се очекува и во соседна Србија од каде што доаѓаат најголем дел од увезеното брашно и продукти од пченицата во Македонија, но и во другите соседни земји. Упатените велат дека ваквите најави ќе се одразат и на цената на пченицата, па очекувано е годинава да има нов бран поскапувања на лебот и на продуктите од брашно, иако експертите смируваат и велат дека сѐ уште има време за подобрување на состојбата.
– Според моите сознанија, некаде околу 60 илјади хектари во земјава се посеани со пченица, иако просекот низ годините на посеани површини со пченица бил околу 80 илјади хектари. Она што загрижува е што помалку пченица е посеана и во Србија, од каде што доаѓа најголем дел од печеницата што се увезува во Македонија. Сосема очекувано е дека ако се намали приносот од пченица дека ќе порасне цената – вели професор Дане Бошев од Катедрата за поледелство при Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).

Тој истакна дека поради сушата се намалува и квалитетот на пченицата, а дополнителен проблем е што доцни и процесот на нејзино растење, а голем дел дури сега проникнува. Сепак, професорот смирува и нагласува дека сѐ зависи од дождовите, и додава дека доколку се навлажни почвата, пченицата ќе се спаси.
– Според моите сознанија, не се посеани ни половина од површините што биле посеани во минатото. Поради сушата ќе имаме значително намален принос од пченица. Од една страна намалени се површините на кои е насеана пченица, но од друга страна имаме и значително големи површини што биле посеани, но не се никнати. Ако приносот е намален, тогаш не треба да бидеме изненадени ако цената на пченицата порасне – вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци.

Тој посочува дека е добро што во текот на зимските месеци имало снег насекаде, па земјата засега има влага, односно почвата не е целосно сува. Тој додава дека и понатаму се потребни дожд и влага во почвата, но и дека земјоделците стравуваат од нагли промени, особено од нагол пад на температурите.
– Во случај да паднат температурите на -20 Целзиусови степени ќе се уништи она што е подникнато сега. Овој период обично треба да има второ прихранување на пченицата, барем на онаа што е проникната, но кај нас се доцни. Состојбата со пченицата не е лоша само кај нас, туку и во соседните земји, што значи дека ако не се откупи тука пченицата по добра цена, тогаш ќе излезе во странство – истакна Тантаров.

Генералниот директор на „Агростарт“, Бубе Трајковски, нагласи дека состојбата на терен е доста сериозна, бидејќи оваа сезона се посеани значително помали површини со пченица, на голем дел од посеаните површини таа воопшто не е никната, а таму каде што е никната доцнат фазите на растење.
– Засега сѐ уште е рано и тешко да се предвиди каков и колкав род ќе имаме од пченицата, бидејќи клучни месеци во растот се април и мај. Секако, ако продолжи и овој период сушата и таа дополнително ќе ја влоши ситуацијата и ќе се одрази на приносот. Дополнителен проблем е што на терен има и штетници што ја јадат пченицата. Од овој аспект, сѐ уште е рано да се зборува за нејзината цена, но со сигурност може да се каже дека изминатата суша ќе се одрази на приносот – појаснува Трајковски.

Професорот Бошев од ФЗНХ, пак, додава дека дополнителен проблематичен сегмент на нашата состојба е ветерот што е присутен и кој ја досушува почвата и во подолните слоеви. Тој вели дека дождовите, кои деновиве ја зафатија земјата, ја ублажуваат состојбата во тетовскиот и во охридскиот регион, но посочува дека земјата е најсува во источните краеви.
– Во согласност со досегашните состојби приносот ќе биде помал за 20 до 30 отсто, а дополнително е проблематично што сега фазите на раст растенијата треба да ги поминат во многу пократок рок. Доколку се случи во следниов период да продолжи сушата, и понатаму да нема дожд, тогаш приносот ќе биде намален и за 50 проценти – истакна Бошев.

Тој појаснува дека со пролетните сеидби не може драстично да се подобри ситуацијата, бидејќи нема соодветни семиња што се користат за пролетни сеидби кај нас, а истите тие се и со послаб принос од есенските. Според него, површините на кои се сеела пченица, а останале непосеани, сега може да се насадат со пченка или со други растенија како што е сончогледот, но и за нив има проблематични сегменти, а клучно е што за сите растенија е неопходна вода.


Со системи за наводнување до посигурна сеидба

Сушите, силните ветриштата, неочекуваните порои, ураганите, наглите температурни промени стануваат сѐ поинтензивни како резултат на климатските промени. Овие проблеми, според професорот Дане Бошев, се тешко предвидливи при планирањето на земјоделското производство така што е потребно да се вложат максимум напори за превенирање и заштита од таквите случаи.

– Во вакви ситуации, кога имаме суша во есенските месеци единствен спас се системите за наводнување, бидејќи со нив може да се дејствува против сушите. Ќе се пушти вода низ каналите за наводнување, ќе се наводнуваат посеаните површини и пченицата ќе никне навреме. Исто така и напролет ќе се наводнува по потреба и сѐ ќе биде во ред. Но, кај нас, каналите за наводнување се празни до мај, април кога се полнат за раноградинарски култури или за лозје, а тоа е доцна за пченицата. Сумирано, ако има можност да им се даде вода на растенијата кога им треба сѐ ќе биде во ред, ако не ќе се чека природата да ни создаде услови – истакна Бошев.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close