fbpx
Вести

Праски, кајсии и сливи летово ќе купуваме на грамови?

Ниските пролетни температури во април годинава уништија многу овошки, а најголеми штети предизвикаа кај праските, кајсиите, лозовите насади и некои сорти на сливи. Агрономите секоја година предупредуваат дека овошките се често изложени на опасност од доцни пролетни мразови при што можат делумно или целосно да ги уништат цутовите и формираните плодови и затоа треба навреме да се преземат заштитни мерки. Тие велат дека промените на дневните температури не можат да предизвикаат штети врз сите земјоделски култури, бидејќи има доволно влага во почвата и тоа позитивно влијае на културите.

praski kajsii i slivi letovo kje kupuvame na gramovi

 

– Факт е дека штети има, но мора да истакнеме дека како појава ниските температури во овој период не се нешто ново. Не се ниту вообичаени, но се случувале и претходно. Така, во Скопје е забележана појава на мраз на 20 мај, додека 15 мај важи за критичен датум за цела држава како опасност од појава на мраз. Во Делчево и во Берово ниски температури се јавувале и на почетокот на јуни, објаснува хидрометеорологот Ангелко Ангелески.

Земјоделците од Тиквешијата посочуваат дека најпогодени од пролетните ниски температури што ја зафатија земјава при крајот на април се праските и кајсиите, но штети има и кај младите ластари од лозовите насади. Според првичните сознанија од терен, штети се евидентирани на помали површини, во локални подрачја како селата Паликура, Сопот, Фариш и Моклиште, кои биле зафатени од студените струи.

– Штети има и кај некои сорти од грчката слива. Бадемите што неколку години трпеа последици од мрзнење, сега не се погодени од ниските пролетни температури, а штети нема и кај крушите и јаболката. Оштетувањата зависеа, пред се, од местоположбата и сортите, вели инженерот-агроном Диме Златев.

Општината Кавадарци испрати повик до земјоделците да ги пријават штетите што ги претрпеле. Секој земјоделец во согласност со штетите треба да очекува и обесштетување. Жителите на селата Фариш и Раец за време на ниските пролетни температури претрпеле штети од мрзнење кај земјоделските култури, а оштетувањата на некои места биле и стопроцентни. Штетите допрва ќе се утврдуваат, а анализите на терен ќе ги дадат точните податоци за тоа колкави се навистина штетите.

Агрономите препорачуваат мерки на заштита што се однесуваат на пролонгирање на почетокот на цутење и спречување на температурата да не падне до критичната точка во овоштарникот. Исто така, да се избегне мрзнењето од ниските температури агрономите препорачуваат одгледување на доцни видови и сорти и користење на бујни подлоги кои го задоцнуваат цутењето, како и избор на локации за садење на овошките каде што доцни вегетацијата.

Од агротехнички мерки се препорачуваат варосување на стеблата, прскање на овошките со разблажени фитохормонски раствори во текот на август и септември и оцетна киселина во концентрација од 0,02 до 0,08 проценти.

Од класичните начини за заштита на овошките од пролетни мразеви кој се уште наоѓа примена во време на цутење е чадењето. Овој начин придонесува за ублажување на ладењето на воздухот во приземните слоеви во овоштарникот. Мерката е ефтина, но не многу успешна, бидејќи температурата се зголемува за само 0,5 до 1,5 степени, но сепак овошките можат да се заштитат во најкритичниот период. Од материјали за оваа намена може да се користат непрегорено арско ѓубре, трула слама, плева, корови и други материјали кои споро горат и истите се палат кога температурата се приближува кон нулата.

Загревање на овоштарниците со помош на печки во кои согоруваат различни материи е скапа и тешко изводлива мерка. Непрекинатото распрскување со вода во критичното време, исто така може да обезбеди зголемување на температурата во овоштарниците и да спречи појава на оштетување од доцни пролетни мразеви. Многу важно е да се утврди моментот на почетокот на оросувањето, кое треба да започне кога температурата во круната падне на нула степени. Ако се отпочне порано, нема да се створи мраз и мерката нема да се реализира. Доколку се задоцни со оросувањето, може да дојде до зголемување на мрзнењето на цветовите. Овошките се прскаат се додека трае мразот, односно се додека температурата не премине во позитивна. Најважен момент за извршување на оваа мерка е навременото информирање за појава на мраз, за која цел овоштарите потребно е да соработуваат со метеоролошките служби.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close