
Пред бербата преспанското јаболко со преполовени цени во однос на лани
Преспанскиот јаболкобер е на самиот праг, а цените на јаболката се разочарувачи за производителите.
Преспанските овоштари велат дека цената на индустриското јаболко е повеќе од преполовена во споредба со ланската, додека на сортното здраво јаболко е за најмалку десет денари пониска од лани, објави https://nezavisen.mk/pred-berbata-prespanskoto-jabolko-so-prepoloveni-ceni-vo-odnos-na-lani/.
Индустриското јаболко денес се откупува за 4 денари од килограм (лани 9 денари за килограм, а потоа цената се искачи на 11 денари), додеката здравото јаболко чини 20 до 25 денари (лани 35 до 40 денари) за килограм, додека за „ајдаретот“ велат дека цената на почеток е минимална од само 15 денари за килограм.
Овоштари велат дека со вакви ниски цени се уништуваат малите производители, а ситуацијата е дополнително отежната и со климатските промени бидејќи во одредени региони на Преспа имаше измрзнување на родот.
Кире Гулевски коментира дека во најголем дел Преспа беше пеплосана од мразот, годинава нема јаболко во големи количини.
„Репер за цената на конзумното е цената на индустриското јаболко, а цена со една цифра во никој случај не треба да биде предмет за коментирање“, вели Гулевски.
Преспанските овоштари се жалат дека во услови кога почнува бербата на јаболката, повисоки трошоци за производство, пониски цени од ланските, не се исплатени субвенциите по неколку основи за последните две години.
„Не ни се исплатени два денари за реколтата 2024 година. Нема исплата на два денари и за произведено јаболко за 2025 година, нема исплата на субвенции за рурален развој, не се исплатени средстава за регистриран земјоделец. Преспа нема иднина, каде се здруженијата и земјоделските задруги да се занимаваат со земјоделците“, реагираат овоштари на социјалните мрежи.
Голем проблем за овоштарите се и сезонските работници, кои ги има сѐ помалку, а цената на дневницата е 3.000 денари по работник.
„На вакви откупни цени на јаболкото и на неисплатени субвенции, порасна и цената на берачите на јаболкото. Ако лани дневницата беше од 2.500 до 2.700 денари по берач, сега сите бараат по 3.000 денари, храна и превоз. Доаѓаат берачи од Прилеп, од Битола но ги има сѐ помалку. Овоштарството стана неиздржливо“, вели овоштар од Преспа.
Денес Либерално демократската партија излезе со соопштение во кое бара итно решение за производителите на јаболко, кои се соочуваат со исклучително тешка состојба на терен.
„Во овој момент на производителите им се нуди откупна цена од само 4 денари за килограм индустриско јаболко, плус 2 денари субвенција. Тоа е далеку под производствената цена, која е околу 10 денари за килограм. Во услови на суша, зголемени трошоци за гориво, пестициди и останати репроматеријали, ваквата цена не ја обезбедува ниту минималната економска одржливост на производството“, соопшти партијата.
ЛДП побара откупната цена на индустриското јаболко да биде најмалку 12 денари за килограм.
ЛДП ќе предложи законско решение за организиран откуп на стратешки земјоделски култури во Македонија, особено на производи кои имаат потенцијал за извоз и создавање девизен прилив, меѓу кои тутунот, грозјето, оризот, пиперката и јаболкото.
Вчера министерот за земјоделие Борче Серафимовски беше во Ресен на одвоени средби со земјоделците од една страна и откупувачите и преработувачите од друга страна. Ккао што објави, на средбите се разговарало за очекуваните количини и квалитетот на годинешниот род, расположливите откупни капацитети, како и за можностите за пласман на домашниот и регионалните пазари, како и на пазарот на Европската унија.
Успешниот пласман бара координиран пристап и заедничка одговорност од сите учесници во синџирот, порача министерот Серафимовски. Посебно внимание беше посветено на потребата од модернизација на производството, приспособување кон климатските промени и правилна и контролирана употреба на средствата за заштита на јаболковите насади“, објави Серафимовски.





