fbpx
ВестиТоп вести

Прилепското вештачко езеро испразнето  заради смена на главниот  вентил

Прилеп

Иако е сушен период  сезоната за наводнување од акумулацијата во Прилепското езеро предвреме заврши. Надлежните уверуваат дека состојбата е под контрола, а празнењето е направено со цел да се изврши замена на главниот сигурносен вентил. Како што информираше  за Зелена берза директорот на Водостопанство „Прилепско поле“ Ѕвонко Талески, сите активности се планирани и се извршуваат по сугестиите забележани во записниците на инспекциските надзори од страна на надлежните служби.

Заради постоење на опасност од излевање на водата во акумулацијата, било наложено да се  изврши промена на сигурносниот вентил кој не бил сменет од градбата на браната во 1967 година. Со цел да се создадат услови за негова смена, со испуштање на водата се започнало уште во октомври 2018 година.

Почнале да се извршуваат и градежни работи, но  заради неповолните  временски услови, сите активности  биле прекинати и не можело  да се постави хидромеханичката опрема. На 24 јануари 2019 година било одлучено езерото повторно да собира вода и да се реализира  сезоната за наводнување 2019.

„Со натчовечки напори оваа година успеавме  да ја доведеме до крај  сезоната за наводнување 2019 год. и да им пружиме успешна услуга на водо корисниците. Ова се прави поради завршување на втората фаза  која што беше прекината, изјави директорот Талески. Во текот на овој месец ќе се продолжи со работа и ќе се инсталира  хидромеханичката опрема.  До крајот на овој месец конечно ќе биде решен еден горлив проблем, со тоа што од октомври ќе ја собираме секоја капка вода за наредната сезона“, додаде  Талески .

На местото од главниот вентил ќе бидат поставени два нови, еден сигурносен „конусен“ и еден „лептирест“. Изведбените работи ги извршува фирмата Жикол, а надзорот го врши Градежниот институт на Македонија.

Станува збор за инвестиција  финансирана од УНДП во износ од 9 милиони денари. За користење на вода од вештачката акумулација АД Водостопанство подружница „Прилепско поле“ оваа година склучи 1760 договори. Директорот Талески вели дека навреме бил преместен рибниот фонд од езерото од страна на концесионерот и уверува дека со полнењето на акумулацијата повторно ќе се изврши порибување на езерото.

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close