Проекти за туризам, пчеларство и земјоделство ќе се реализираат преку ReLOaD програмата во Ресен

(Oвој напис е објавен на: February 7, 2019)

„Пчеларство – еколошки бизнис за младите“, „Туристички саем во Преспа“, „Општествена интеракција и економско зајакнување на младите“ и „Рурален туризам – можност за одржлив развој на локалната заедница“ се четирите проекти што наредните шест до осум месеци ќе се реализираат во општина Ресен.

Проектите ќе бидат финансирани преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD) на УНДП и Европската унија.

За кофинансирање од Буџетот на општина Ресен ќе бидат исплатени 638.172 денари или 20 отсто од вкупната вредност. Градоначалникот Живко Гошаревски за МИА појасни дека проектите опфаќаат дејности во туризмот, пчеларството и земјоделството изразувајќи надеж дека граѓаните ќе ги почуствуваат бенефитите од нивната реализација.

-Преку транспарентност, јавност, инклузивност и создавање партнерски однос со граѓанските организации ќе се зголеми довербата меѓу нив и општината Воедно, ќе се зајакнат и капацитетите на граѓанските организации, но и на општинската администрација, а ќе се креираат политики и процедури што ќе се користат и во иднина, вели Гошаревски.

Проектите „Пчеларството – еколошки бизнис за младите“ и „Општествена интеракција и економско зајакнување на младите“ се на Локална акциона група Преспа. Туристички саем во Преспа 2019 е проект на Здружението против дискриминација женска солидарност Ресен, а „Рурален туризам – можност за одржлив развој на локалната заедница“ е на дружение на овоштари Благоја А. Котларовски.

Општина Ресен со уште четири општини ќе реализира проекти од јавен интерес за подобрување на општинските услуги и квалитетот на живот за жителите преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD), финансирани од Европската унија и кофинансирана од УНДП и од општините.


 

brif

Share Button