fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Производство на семе за житарици предизвик за младите земјоделци

Антонио Ангеловиќ е млад земјоделец од с. Дорфулија општина Лозово,кој на земјоделието гледа како дејност со големи предизвици. Пораснал со земјоделие гледајќи го  татко му како работи и сега на свои 27 години за него не постои пречка што нема да ја премости.

Производството на семе за житарици е предизвикот со кој се зафати оваа година. Тргнувајќи од  тоа дека само со квалитетно семе и соодветни агротехнички мерки може да се постигне поголем принос, смета дека со овој предизвик ќе може да помогне на голем број земјоделци што се занимаваат со одгледување на житни култури.

-Татко ми се занимава со земјоделие од 1993 година. Од мал сум со него, пораснав со земјоделие и продолжив и јас да се занимавам со земјоделие. Обработуваме 600 ха житарици, 20 ха лозје, 10 ха луцерка и околу 70 ха сончоглед. Оваа сезона почнавме и со производство семенски материјал, изјави за Зелена берза Антонио.

Зошто токму тоа? Од неговото искуство во одгледувањето на житни култури се уверил и самиот што значи квалитетен семенски материјал. Само со сертифициран семенски материјал може да се добијат високи приноси, уверува  Антонио Ангеловиќ.

-За квалитетно производство временsките  услови се важен предуслов. Покрај правилна обработка на површината, ѓубрење и заштита за добри приноси  треба да се користи  и квалитетно семе. Тоа беше пресудно да се одлучам за  ваков бизнис –  производство на семенски материјал. Ова ни е прва година. Поседување на земјоделска површина беше еден од условите за да можеме да почнеме. Од Управата за семе добивме решение за производство , доработка  и трговијана големо и мало. Годинава се одлучивме за производство на семе за јачмен и пченица. Од трите  сорти јачмен, две  сорти Барун и Максим се од Институтот во Осијек и се посеани на 110 ха површина. Третата сорта  ХИТ е  посеана на 10 ха, бидејќи прва година е и сакаме да испитаме  како ќе успева на овој регион. Од пченицата  ги  произведуваме  сортите Вулкан и Радика. Сортата Вулкан е застапена на 30 ха и е набавена  е од Осијечкиот Институт, додека Радика е застапена на 20 ха и е од Институтот за земјоделие во Македонија, објаснува Антонио.

Консултацијата со стручни лица неопходна

Производството  на семенски материјал е регулирано со Закон за семенски и саден материјал. Според тој Закон семенскиот материјал се произведува под контрола на Управата за за семенски и саден материјал што функционира во рамки на Министерството за земјоделство. Таа издава документ  со кој се потврдува дека семенскиот и садниот материјал  ги исполнуваат условите за пуштање во трговија. На ова претходи исполнување на услови за квалитет : аналитичка чистота, ‘ртливост, влага.

Антонио Ангеловиќ вели дека му било потребна една година за да може да ги собери сите потребни документи за да може да се занимава со овој бизнис.

-Се разбира дека пред да започнам со сите активности се консултирав со стручни лица околу самата постапка , и сè она што требаше  за да ги исполнам условите за стартување со производство на семенски материјал. Ми доаѓа контрола на засеаните површини за да проверат како се одвива целата активност. За сега сè се одвива во најдобар ред, а посевите се во одлична состојба, што ми дава надеж дека ќе има квалитетно семе, објаснува Антонио. Ги слушав советите на стручните лица и ги применував. Семепроизводството е комплицирана работа и бара голема посветеност, додава тој.

И покрај тоа што на овој реон му недостига влага, а свесен дека временските услови се важен фактор во производството сепак е оптимист. За поголемиот дел од земјоделските  површини кои ги обработуваат се користи  вода од системот за наводнување Брегалница. Задоволен е од  посевите.

 

Со квалитет во борбата со конкуренцијата

На територијата на државата регистрирани се повеќе произведувачи на семе. Антонијо не е загрижен за тоа бидејќи смета дека квалитетот е пресуден за да се продаде некој производ.

-За понатамошните постапки и доработка на семето купивме професионален селектор  и се што  ни е потребно за на крајот да добиеме семе од кое подоцна ќе може да се постигнат добри приноси. Со конкуренцијата ќе се борам едноствано,  со квалитет. На колегите  земјоделци сакам да им  биде продадено квалитетно семе со кое резултатот ќе го осетат  од самата жетва на житото. Семињата што ги произведувам  се испробани. Познати им се на земјоделците. За приносите  најмногу зависи од пределот. На нашите опитни полиња кога е Ц1 репродукција на семе, тоа може да даде и до 4-5 тони жито. Кога е хибридно, тогаш зборуваме за основно семе и  може да се добие принос од 6 – 6.5 т жито. Сепак зависи од годината. Ние ќе продаваме Ц1 семе. 160 ха од површините се посеани со основно семе, тоа ќе го доработиме и ќе биде Ц1 репродукција, посочува Антонијо. Со самата обработка и доработка, која ќе биде квалитетно извршена,  нема да биде проблем  семето да биде продадено и понудено на земјоделците, сепак тие го очекуваат крајниот бенефит да имаат подобар род, додава тој.

Антонијо Ангеловиќ планира да организира посета на земјоделци на неговите опитни полиња да го видат семето и да се уверат самите колку е  чисто и здраво  и дека е навистина добро.

-Земјоделците ќе добијат Ц1 семе, а ние за наредната сезона пак ќе треба да купиме основно семе за догодина да имаме повторно Ц1 семе. Основното семе го увезуваме од Осијечкиот Институт, вели Антонијо Ангеловиќ од с. Дорфулија.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close