fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пролетните студови уништија над половина од плодот од овошните насади

Уште еден удар врз тетовските овоштари.

Речиси секоја година пролетните ниски температури им прават големи проблеми на овоштарите од Тетовско. Така и оваа година над 50 отсто од плодот од насадите со јаболка и со други овошни култури е уништен од сланата и студеното време, oстанатото се надеваат овоштарите дека ќе преживее. Загубите се големи, но тоа е нашата судбина, велат тие.

-Годинава слабо многу, ќе имаме потпросечно производство. На пример од еден декар ако треба да собереме над 3.000 килограми јаболка, сега ќе собереме некаде околу 1.500, ако не и помалку, се зависи до времето, но и нормално како ќе го одржуваме јаболкото, а за тоа треба препарати, треба и пари за да се набават, а ние немаме толку финансиите, вели Драгољуб Зафировски, овоштар од Брвеница.

И агрономите потврдуваат дека плодот од овошките поточно толчникот е оштетен. Нема спас од ваквите штети, но според нив има начини и методи да се спасат овоштарите од пролетните студови, ако делуваат превентивно.

-Извршивме преглед и го прегледавме толчникот и кај него има оштетување некаде од 50 отсто. Екстреми се јавуваат со минусни температури во просек на 7 до 8 години. Но, сега поради климатските промени тие се јавуваат се почесто. Во овоштарството, како превентивни активности постоеше зачадување, но немаше резултати. Најдобро е прскање со вода во утринските часови, но тоа зависи дали овоштарите се опремени со механизација и атомизери, тоа е малку потешко на поголеми површини. Треба да се прати временска прогноза имаме термометри, ја пратиме температурата, тие мразеви се јавуваат пред изгрејсонце, се прска со вода токму тогаш за да не смрзне толчникот, но тоа е прецизна работа и тешка, изјави агрономот Душко Богдановски.

Климатските промени, немањето пласман и ниските откупни цени се причините поради кои овоштарите од Тетовско се откажуваат од оваа дејност и ги корнат овошните насади. Агрономите пак, велат дека овоштарството е доходовна гранка, за која државата треба да води грижа. Но, вината за намалување на површините засадени со овошните насади ја гледаат и во самите овоштари, кои не се доволно обучени и стручни да се занимаваат со оваа дејност, особено помладите.

-Тетово на времето имаше традиција за јаболка и за вишната, настанаа некои промени и сега Тетово веќе не е овоштарски крај. Помалку е застапено овошјето тие што се постари нешто одгледуваат, но помладите не се занимаваат со оваа дејност. Не е само проблем пласманот и ниските цени, многу млади луѓе не ја знаат оваа работа. На пример заштитата, ако однесеш јаболка со една дамка никој не ти ја купува, многумина не знаат да ја пратат болеста, не ги знаат лековите и се оддалечиле од оваа работа, а инаку добра работа, но треба да се има познавање. Земјишниот фонд тука да го спомнам игра улога, тука се произведува повеќе полјоделски култури. За овоштарство треба да се знае работата и е рентабилна работа. На пример во текот на сезоната можеш да се занимаваш и со други работи и да работиш овоштарство, ама се бега од овоштарство, мислат дека ќе заработат подобри пари на некој друг начин. Во секој случај треба да се вратат на овоштарство населението од Полошко, вели агрономот Душко Богдановски.

Во тетовска Брвеница село со традиција во овоштарството пред неколку децении овошни насади имало засадено на површина од 340 хектари, сега има едвај на 20 хектари насади со разно овошје, но најмногу јаболка.

Зоран Димовски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close