Реформи-воведување царини за производите чија вредност е помала од 150 евра?!
Со предложената реформа се укинува сегашниот праг врз основа на кој стоката со вредност помала од 150 евра е ослободена од царина, што според Еврокомисијата, било масовно користено од измамници. Од Комисијата наведуваат дека е многу вообичаена практика да се обезвреднуваат пакетите кои влегуваат во ЕУ за да се избегне плаќање царина.
Европската комисија предложи реформа на Царинската унија на ЕУ, со која, меѓу другото, се предвидува и воведување царини за производите чија вредност е помала од 150 евра.
Со предложената реформа се укинува сегашниот праг врз основа на кој стоката со вредност помала од 150 евра е ослободена од царина, што според Еврокомисијата, било масовно користено од измамници. Од Комисијата наведуваат дека е многу вообичаена практика да се обезвреднуваат пакетите кои влегуваат во ЕУ за да се избегне плаќање царина.
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони изјави дека воведувањето царини за стоки вредни помалку од 150 евра не би требало да доведе до зголемување на потрошувачките цени.
– Тарифите за мали пакети ќе бидат многу мали. Очекуваме дека приходите од е-трговија за земјите членки ќе достигнат една милијарда евра годишно и тоа само затоа што поголем број пакети ќе бидат минимално оданочени“, појасни Џентилони.
Комисијата посочува дека ова е најобемната реформа на Царинската унија на ЕУ од нејзиното формирање во 1968 година.
Турција е членка на Царинската унија, што значи дека може да тргува со ЕУ без царини, но не може да има своја целосно независна трговска политика. Од друга страна, до неодамна членката на ЕУ, Велика Британија, не ја сакаше „турската опција“ и реши да ја напушти Царинската унија, што создава големи проблеми во Северна Ирска.
Предлогот на Комисијата мора да биде одобрен од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.