fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Репортажа од Бабуна – Извори што маѓепсуваат

Дива ледена и брза е реката Бабуна која самоволно си го крои патот.

Силно жубори водата која надоаѓа од изворите на река Бабуна и го маѓепсува секој поглед.  Надојдена од под карпите на врвот Солунска Глава, глетката ќе ве обземе со позитивни емоциите, зошто изворите на реката Бабуна сместени во пазувите на планината Јакупица се непроценливо природно богатство, кое треба да го зачуваме и заштитиме.  Дива ледена и брза е реката Бабуна која самоволно си го крои патот. Буиците вода имаат неверојатна моќ врз секој еден патник намерник, а воздишките растат со секоја сцена од повеќе метарскиот водопад  под изворите низ кој во само едно трепнување на очите течат стотици, стотици кубици чиста изворска питка вода, која пак се прелива во сите нијанси на тиркизот. Во самоформираниот базен под водопадот, дури и во попладневната жега водата е толку многу  студена што човек тешко издржува да ја стави раката под вода, чувството на измрзнатост настапува во првата секунда.

Изворите на Бабуна и малиот водопад се едни од најпосетуваните дестинации на Бабуна, и цел не само на искусните планинари, туку на секој еден рекреативец. Патеката која води до нив е тесна, а на моменти толку стрмна и лизгава по која мора да се оди внимателно, да се избегнат опасностите, да не се згреши. Околу патеката се’ се прелива во зелени бои, па дури и сонцето едвај се пробива низ крошните на столетните дрвја. Пешачењето ви се причинува како да е низ зелен долг ходник.

Патеката која води до изворите на Бабуна е претставена на информативна табла на која недвосмислено  стои предупредување, пешачењето кон таа дестинација да не се практикува во зима, доцна есен и рана пролет. Се чекори пат прекриен со влажни лисја и камења покриени со мов. Сепак оваа тура е во рангот на лесните, односно  7 километри во еден правец.

Екипата планинари и рекреативци од Битола ја посетија  Бабуна на крајот на август, а нашиот фотограф Ивона Кочов за „Зелена берза“ успеа да ја долови неверојатната природна убавина на оваа локација, на ова наше непроценливо богатство.

До изворите се пешачи неколку часа, а патот почнува со селото Нежилово, во месноста Азот. Се пешачи по земјен пат (околу 5 километри) што води кон планинарскиот дом „Чеплес“. Секој пејзаж е повторлив. А штом ќе стасате до патот пред изворите, десно надолу е водопадот.

Секој чекор низ водената прашина е незаборавно доживување. Енергијата која што ја зрачи ова место само може да ви ги прочисти мислите и се што е лошо да замине со водата.

Реката Бабуна извира на југоисточната страна на Мокра Планина
Изворите се на 1.760 метри надморска височина

До изворите на Бабуна лани се направи нова и проширена пешачка патека.

Нејзината должина е 1.650 метри, а широчина еден метар. Финансирана е од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа, а средствата во висина од 2,4 милиони денари се обезбедени преку проект на Вардарски плански регион.

Со изведбата на пешачката патека до изворите на реката Бабуна во подножјето на планината Јакупица, се поврзуваат мотел-рибникот „Нежилово“ и планинарскиот дом „Чеплес“, како и четири бачила на индивидуални земјоделци и манастирските комплекси Богомила, Согле и Ореше. Патеката беше повеќе од потребна бидејќи постојната беше тесна и нестабилна која во шумски масив не гарантира безбедноста при движењето на планинари и рекреативци.

Реката Бабуна извира на југоисточната страна на Мокра Планина под врвот Солунска Глава и протекува помеѓу планинскиот масив Јакупица од левата и планината Бабуна од десната страна. Извира на 1.760 метри надморска височина. Го разубавува пејзажот на областа Азот во општината Чашка.
Бабуна е десна притока на Вардар. Во Вардар се влева по кратката кањонска клисура Пешти. Долга е 65 километри.

Поради извонредната чистина на водата во Бабуна живеат повеќе видови риби како пастрмка, плашица, бојник, како и речни ракови, кои се често ловени во летниот период. Во долниот тек низ клисурата Пешти, речните вирови се доста посетени од капачи преку летниот период.

Анета Блажевска

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close