Ресертифициран системот за квалитет на АХВ

(Oвој напис е објавен на: February 16, 2018)

ahv

Аудитори од сертификациското тело МКС, дел од меѓународната групација Quality Austria, на 12-ти и 13 февруари, по спроведената проверка за усогласеност со барањата на ISO 9001:2015 стандардот за управување со квалитет дадоа позитивна оценка за сработеното и го ресертифицираа Системот за квалитет на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со што стана прва државна институција ресертифицирана по овој стандард, информираат од АХВ.

– Агенцијата во изминатите три години, по воведувањето на стандардот ISO 9001: 2008 за управување со квалитет во институцијата, ги препозна придобивките од системскиот начин на управување со квалитет во институцијата и почна со имплементација на новата верзија на стандардот ISO 9001:2015. Минатата година, фокусот се стави на транзиција на Системот за квалитет на АХВ, и неговото усогласување со барањата на новиот стандард ISO 9001 : 2015. Целата документација, континуирано, во текот на минатата година, се усогласуваше со барањата на новата верзија на стандардот, и паралелно се идентификуваа ризиците во оперативните процеси, со цел да се воспостави управување на процеси преку утврдени ризици, изјави директорот Зоран Атанасов.

Нагласи дека придобивките од воведувањето на стандардот ISO 9001:2015 во работењето се од големо значење за АХВ, бидејќи тоа придонесува институцијата од година во година да добива додадена вредност во однос на квалитетот на услугите што ги нуди.

– Со имплементацијата на стандардите за квалитет во Агенцијата, се воспостави системска контрола, со цел со ефикасно и ефективно работење да бидат задоволени потребите и очекувањата на бизнис операторите и на граѓаните, кои се корисници на услуги на Агенцијата, рече Атанасов и додаде дека системот за квалитет постојано ќе се унапредува со цел на најдобар начин да се управува со квалитетот во институцијата.

Воведувањето на стандардите за квалитет, додаде, уште повеќе го зацврстува реномето на АХВ како институција која гарантира безбедна и квалитетна храна за луѓето, безбедна храна за животните, као и дека се добиваат квалитетни услуги и грижа за здравствената заштита и благосостојбата на животните.

Најави дека АХВ ќе продолжи да го унапредува своето работење, преку подготовка на инспекциските одделенија во институцијата за акредитација со стандардот ISO/IEC 17020.


 

бриф.мк