fbpx
Вести

Ревитализирање на старите овошки во Пијанец и Малеш

ovoski

Околу две децении не се применети речиси никакви агротехнички мерки врз овошните насади во Пијанец и Малеш, подигнати во педесетите години од минатиот век.

Според експертите, со наездата на индустријата се заборави на старите сорти. Свеста за нивното значење и ревитализација мора да се подигне.

Тоа е и целта проектот што го спроведува Здружението на производители на органски производи „Аронија“ од Делчево со поддршка на ГЕФ Програмата за мали грантови, и во чии рамки, во пехчевското село Панчарево се одржа првата обука за ревитализирање на овошните култури. Ја спроведе професорот Тошо Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.

– За да подигнете јаболков насад и тој да влезе во полна родност се потребни најмалку 10 години, а овие запуштени, но се уште витални стебла за една до две години можат да бидат ревитализирани, да даваат добар и квалитетен род, рече Арсов.

Преку практично изведување на начините за кроење, професорот покажа кои се најважните мерки што треба да ги спроведат овоштарите во овој период од годината.

– Во овој момент најважни се подмладувањето, просветлувањето и поставувањето на костурот на стеблото, но оставаме овошките да имаат и род. Овие мерки треба да продолжат и во текот на вегетацијата со летна резидба за наредната година да се добие родно младо дрво кое ќе може да се одржува во добра кондиција. Јаболкото бара редовна резидба за да се воспостави рамнотежа према родот и прирастот, за секоја година да се добива одредена количина квалитетен род, а не една година јаболкото да има премногу род, а друга година воопшто или малку. Целта е, освен да се возобноват, да се произведе и квалитетен род од овие стари сорти јаболка, нагласи Арсов.

Како што истакна Фиданчо Христов, претседател на Здружението на производители на органски производи „Аронија“, во октомври ќе бидат презентирани постигнатите резултати од проектот.

– Мислиме дека ќе успееме да ги ревитализираме овие стари сорти јаболка. Во наредната година ќе ги калемиме и потоа, луѓето, зависно од интересот, ќе можат сами да произведуваат нови дрвца кои исто така можат да се носат и во расадник за произведување расад. Планирано е и да се изврши анализа на старите сорти јаболка и круша за да се утврди здравствената состојба и да се произведуваат здрави калем-гранки, рече Христов.

Проектот ќе трае до ноември 2018 година, а следната обука е предвидена за утре, со овоштарите од беровскиот регион.


 

a1on

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close