fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Само со  труд и домаќинско работење може добро да се живее од земјоделие и сточарство

Кај нас во селото останаа 10 фамилии што се занимаваат со сточарство и земјоделство . Повеќето си заминаа, но ние останавме овде и „држиме“ стока. Она што се створило тешко е да се напушта, вели Михаил Петрески од с.Подно прилепско.

Михаил Петрески  е еден од ретките сточари во с. Подно прилепско кој и покрај целата тешкотија во она што го работи, успева да го задржи својот син Роберт и да го убеди дека не е сè така црно во овој бизнис. Заедно одгледуваат стадо со 230 глави овци. Како и секоја работа и во земјоделието има тешкотии но, како што вели, може добро да се живее и да се заработи  и од земјоделие, само треба паричката да се контролира и да се стави на право место.

-Секогаш е тешко она што се створило да се напушти. Имав можност да одам да живеам в град, ама решив да останам в село и не се каам за тоа. Со семејството се  занимаваме  со сточарство. Од тоа живееме, а богами и може да се заработи. Останавме ние најупорните. Ги убедив синот и снаата со внуците   да не си одат, да не се запостави местото. Заедно многу имаме  постигнато. Уште работиме со сопругата и ги поддржуваме младите да го продолжат она што сме го почнале бидејќи и овде може убаво да се живее, ако паметно се работи, рече  за Зелена берза Михаил.

Го сретнавме заедно со син му Роберт и двајцата внуци како купуваат нов трактор. Не можеше, а да не се забележи радоста кај сите што ќе си заминат дома со нов трактор и не било каков туку од брендот John Deere. Роберт роден е и пораснал во с. Подно. За земјоделието многу научил од своите родители, од мал им помагал во работите по нивите и стоката.  Го наследил бизнисот од својот татко, а од она што можевме да го забележиме и него ќе има кој да го наследи бидејќи двајцата негови синови веќе се договараа кој прв ќе го проба новиот трактор.

-За да се оди напред мора да се внимава на механизацијата и да се обновува. Дома имаме три трактори, овој ни е четврти. Колку што можеме ги следиме новините поврзани со машините бидејќи знаеме колку може да ни помогнат и да ни ја олеснат работата. Воопшто не се двоумевме околу изборот на марка. Одбравме John Deere, бидејќи имавме можност да ги видиме неговите перформанси кај наши пријатели. Задоволни се од она што овие трактори може да го понудат така што не се сомневам во  квалитетот и се надевам дека ќе бидеме задоволни и ние. Во Синпекс ни понудија убави услови и сметам дека ќе ни биде од голема корист. Обработуваме 80 декари земјоделска површина  така што има за што и каде да се употребува, вели Роберт Петрески.

Тутун, житарици, пченка и 230 глави овци брои стопанството на семејството Петрески во кое сите се ангажирани од најмал до најголем. Житариците ги одгледуваат за да имаат храна за стоката. А таму работата  им е поделена. Таткото Михаил се грижи околу овците, храна, чистење, молзење. Синот ги има полските работи ,а свекрвата е задолжена за млекото. Снаата пак ги руши сите стереотипи поврзани со жените. Родена прилепчанка, водена од љубовта, не размислувала околу тежината на земјоделските работи, од град се мажи во село.

-Овде сум веќе 13 години и не ми беше тешко да се навикнам на обврските бидејќи и претходно работев тутун. Работам сè што треба, низ куќата дома, на тутун а кога треба и со овците. Има многу работа ама стигнуваме сè што треба да сработиме, вели  снаата Христина.

Околу млекото е задолжена свекрвата која го прави сирење. Убаво бело сирење за кое се чека ред за порачка. За пласманот на сирењето  не се загрижени бидејќи имаат „стални“ муштерии. Квалитетот е пресуден што муштериите повторно се враќаат да купат од белото сирење.

Работа на претек, но зборот тешко никој не го споменува. Не дека не ја чувствуваат тешкотијата, навикнале, а  обврските мора да бидат завршени. Покрај стоката  тука е тутунот без кој во овој регион не се може, а може и добро да се заработи.

Задоволни од ланската реколта и оваа сезона го работат. Во моментот ја вршат бербата тутун и со оглед на квалитетот очекуваат добра година. Велат дека упорноста се исплати и заеднички одлучуваат и планираат на што ќе се посветат и во што ќе инвестираат во иднина.

Таткото Михаил е горд што сè што постигнале, го направиле со сопствени сили и средства без да аплицираат по некоја од програмите што ги нуди државата, само со труд и домаќинско работење. Ги почитуваат не само правилата во бизнисот туку и препораките за безбедност на здравјето во услови на пандемија  со Ковид 19.

П.Јовановска

Слични написи

Back to top button
Close