fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Нов модел на субвенции во земјоделството за поголемо производство на храна

Над милијарда евра Македонија потроши во изминатата деценија за субвенционирање на земјоделието. Истовремено, државата го намали производството на храна, а го зголемува увозот.

Над милијарда евра Македонија потроши во изминатата деценија за субвенционирање на земјоделието. Истовремено, државата го намали производството на храна, а го зголемува увозот. Владата најави нов модел на субвенционирање, кој според земјоделците, може да реши некои од актуелните проблеми.

Земјоделството како стратешки сектор во Македонија со години добива најголем дел од државните субвенции. Земјоделците добиваат пари во зависност од тоа колкава површина обработиле, а не врз основа на произведената количина.

Дека во досегашното субвенционирање на земјоделието постојат проблеми, се согласуваат од Асоцијацијата на земјоделци. Претседателот на оваа организација Петар Стојковски вели дека во земјава секогаш е така кога станува збор за субвенции и за пари, но според него, позитивно е тоа што тие проблеми е можно да се решат.

„Имаме соработка со Министерството за земјоделство и ги решаваме тие недоречености“, вели Стојковски.

Со субвенции во земјоделството, кои од 2010 година наваму се движат од 100 до 130 милиони евра годишно, Македонија го намалува производството на храна, а сè повеќе троши пари за увоз.

Само од јануари до јули годинава увозот изнесувал 497 милиони евра, додека истовремено биле извезени „храна и живи животни“ од 251 милиони евра, според податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2021 година, извозот на храна и животни бил 389 милиони евра, а увозот 745 милиони евра. Тоа значи дека негативната разлика е 356 милиони евра само за увоз на храна.

Ситуацијата сега дополнително е комплицирана со руската агресија врз Украина која има големо влијание врз пазарите за храна, добиточна храна, ѓубрива и енергија.

Според анализите на невладината организација „Фајнанс Тинк“ Македонија и натаму има проблеми со храната, особено се загрозени културите пченка, пченица, сончогледот и месото, додека субвенциите и понатаму се даваат.

Владата неодамна најави нов модел за субвенционирање на земјоделците

Според владата, моделот во моментов се анализира заедно со земјоделските здруженија и се очекува да биде утврден до крајот на годината.

Стојковски за РСЕ вели дека земјоделците очекуваат новиот модел на субвенционирање да биде подобар од досегашниот, иако засега тој не е докрај прецизиран.

„Значајно е тоа што, на пример, дел од субвенциите ќе доаѓаат пред да започне целосната исплата, односно ќе имаме авансна исплата и тоа е многу важна работа за нас земјоделците“, вели Стојковски.

https://www.slobodnaevropa.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close