
СДСМ: Новиот министер за земјоделство со соларна централа – уште еден „патриот“ со бизнис во енергетиката
Борче Серафимовски, предложен од ЗНАМ за министер за земјоделство, според достапните информации од лани поседува голема фотоцентрала за производство на електрична енергија во вредност од околу 3 милиони евра, соопшти СДСМ.
СДСМ објави соопштение во кое се вели –
Откако ВМРО-OКГ и нивните партнери од ЗНАМ (кој веќе практично не постојат) нè навикнаа на тоа дека голем дел од владините функционери и нивните семејства имаат бугарски државјанства, сега добиваме и нов министер за земјоделство кој се школувал во Бугарија.
Борче Серафимовски, предложен од ЗНАМ за министер за земјоделство, според достапните информации од лани поседува голема фотоцентрала за производство на електрична енергија во вредност од околу 3 милиони евра.
Навикнати сме на тоа дека „големите патриоти“ имаат фирми во Бугарија.
Навикнати сме дека почесниот конзул од Србија е бизнис партнер на Мицкоски во енергетиката.
Навикнати сме дека самиот премиер има хидроцентрали.
Но, очигледно сега влегуваме во нова фаза – кога и министрите јавно поседуваат соларни електрани.
Се поставува прашањето: дали оние кои доаѓаат на власт за да „ги бранат националните интереси“ и да се борат против „бугарското влијание“, всушност доаѓаат да си го прошират бизнисот во енергетиката?
Додека граѓаните се борат со високи цени на струјата, оние кои одлучуваат за земјоделските политики и субвенциите имаат директен финансиски интерес во производството на електрична енергија.
Ова е борба за позиции и за бизнис во рамките на криминалната тендер коалиција што владее со Македонија, предводена од Христијан Мицкоски.




