
Агро бизнисВестиТоп вести
Серафимовски: Органското производство го развиваме да создава повисока вредност и поголеми приходи
Добриот производ се создава на нива или на фарма, но неговата вредност се потврдува на пазарот.
Го поддржуваме органското производство да се развива како современа економска дејност што создава повисока додадена вредност и поголеми приходи за производителите, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој денес во Куманово ги отвори деветтиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза 2026“ и петтиот Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АгроМак 2026“.
„Органското земјоделство е современ, прецизен и контролиран начин на производство што бара знаење, следливост и одговорност кон животната средина и здравјето на луѓето. Органскиот производител заслужува систем што ќе го препознае неговиот дополнителен труд и ќе го заштити од погрешно декларирани производи и нелојална конкуренција“, истакна министерот Серафимовски.
Тој нагласи дека политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се насочуваат кон засилена контрола, сигурна сертификација, потврден квалитет и поголема видливост на домашните органски производи.
„Добриот производ се создава на нива или на фарма, но неговата вредност се потврдува на пазарот. Новата механизација, дигиталните решенија, прецизното наводнување и современата опрема за преработка им овозможуваат на производителите порационално да ги користат ресурсите, да ги намалат загубите и да создаваат повисок квалитет“, порача министерот Серафимовски.
Организатори на „Органска трпеза 2026“ и „АгроМак 2026“ се здружението „Живот“, Комората на органски производители на Македонија и Општина Куманово, а на манифестациите учествуваат производители, изложувачи и гости од земјата и од странство.




