Словенија е наш искрен поддржувач, од каде црпиме искуства за поддршка на младите земјоделци, развојот на задругите и спроведување на зелената агенда
Средба Николовски – Шинко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски работната посета на Република Словенија ја започна со билатерална средба со министерката за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија, Ирена Шинко.
На конструктивната и пријателска средба двајцата министри разговараа за продолжување на меѓусебната соработка и поддршка, помеѓу двете министерства, во делот за развој на агросекторот, со посебен акцент на вклученоста и мотивираноста за младите во земјоделството, но и развој на задругите како силен фактор во развој на земјоделството.
Двајцата министри споделија искуства во делот за борба против нелегалната сеча и заштитата на шумите од пожари, црпејќи позитивни искуства од Словенија, кои можат да помогнат и применат кај нас преку новата реформа која се спроведува во шумарството и реорганизацијата на ЈП Национални шуми.
Министерот Николовски во својата изјава по средбата со министерката за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија, Ирена Шинко истакна дека Република Словенија е наш безрезрвен поддржувач и докажан пријател од каде црпиме искуства во повеќе области, но и дека токму Словенија е нашиот позитивен пример, по кој ќе се водиме за уште позелена Северна Македонија.
„ Во регионот, Словенија е успешна задругарска приказна. Овде задругите претставуваат силен фактор, кој на земјоделците им обезбедува профитабилен бизнис. Токму ова искуство исто така многу ќе ни користи, особено затоа што од оваа година ние воведовме нова програма за поддршка на задругите, со цел да ги мотивираме македонските земјоделци да се здружуваат и да ги искористат бенефициите на задругите. Особено е успешна вашата приказна за се поголема вклученост на младите во секторот, за која цел ние денеска и утре ќе посетиме неколку фарми кои ги водат млади земјоделци и кои на фармите применуваат модерна технологија, дигитализација и иновативни решенија. Овие искуства ќе бидат од голема корист за нас, како примери на успешни млади земјоделци чии искуства ние ќе ги пренесеме на нашите млади земјоделци “, истакна во својата изјава минитерот Николовски.
Министерот Николовски упати благодарност за долгогодишната успешна соработка и пријатеолство меѓу нашите две земји, особено за соработката која на техничко ниво, изминатиов период, се реализираше преку различни форми на поддршка, главно во евроинтеграциските процеси. Голем број на екперти од Словенија беа активно вклучени и го помогнаа процесот за усогласување на законската регулатива на Република Северна Македонија со ЕУ, а преку ИПА проектите се обезбеди значајна поддршка во процесот на институционално зајакнување на МЗШВ, со цел да се исполнат стандардите и критериумите на Европската Унија.