Со добри бактерии до посвежо месо

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Добрите бактерии ја зголемуваат безбедноста на месото и производите од месо. Co употреба на лактобацили и микроорганизми кои потекнуваат од месото, може подолго време да се зачуваат убавиот вкус и боја на производите од месо, но и да се исполнат барањата за безбедност на храната.

so dobri bakterii do posvezho meso

 

Искуствата од примената на добрите бактерии во месото беа презентирани во Скопје, на дискусија организирана од данската компанија “Кристијан Хансен”, кој a произведува биопротективни култури.

Според професорот Златко Пејковски од Катедрата за месо при Факултетот за земјоделски науки и храна, користењето на културата Б2 значително ги продолжило траењето и свежината на ќебапчиња и на плескавици произведени во индустриски услови.

“Се покажа дека кога ќе се додаде културата Б2, рокот на траење се пролонгира со истовремено зачувување на вкусот и на бојата. До седмиот ден, до кога се испитувани ќебапчињата и дури по него, тие имаа подобра боја, односно свежа розовикава боја, a беше и подобрен вкусот во однос на другите во кои беа додадени хемиски средства”, објасни Пејковски.

Директорот на Институтот за храна Дејан Јанкуловски вели дека операторите со месо во Македонија треба да спроведат таканаречен тест на предизвик, при што ќе можат да ги тестираат новите култури на месо и врз основа на тие резултати, Агенцијата за храна ќе може да ја спроведе регулативата по тој основ.

“Кристијан Хансен” е компанија за биотехнологија која произведува природни состојки за прехранбената, фармацевтската и за земјоделската индустрија.