„Соврeмена опрема за сточарство и начини за финансирање на истата “ беше темата на едукативното предавање што денеска го организираше Здружението за едукација на земјоделци Зелена берза Битола. Како да се стигне до современа опрема за сточарство , како да се стигне до квалитетен семенски материјал за сточна храна, кои грантови постојат , како да се аплицира во новиот ИПАРД а и кои се другите начини на финансирање, беа прашањата на кои преку презентациите на гостите се добија одговори. Пред стотина присутни сточари и гости во конференциската сала на Синпекс Битола, најпрво се обрати директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој г-дин Никола Бабовски кој ги охрабри сточарите да останат и да се занимаваат со оваа дејност.
„АФПЗРР прави се што е во наша можност да ги поедностави , пред се процедурите на аплицирање по Национална програма или по ИПАРД програма. Во овој период може да се пофалиме со импозантни бројки каде што за ИПАРД програмата, 32 од 937 проекти се однесуваат повеќето за сточарството. На 19 овој месец заврши повикот за Млад земјоделец каде што акцентот беше ставен токму на сточарството односно ги поддржуваме оние млади земјоделци кои сакаат да инвестираат во сточарството без разлика во кој дел е тоа, дали е за краварство, живинарство, свињарство, козарство, овчарство, се со една цел да се зголеми сточниот фонд во Р Македонија но и да им дадеме можност на младите луѓе кои што сакаат да се занимаваат со ова стопанска дејност да останат, за да може нивното производство да биде порентабилно, да бидат поконкурентни на пазарот и да ги стигнуваме оние квалитети на нашите производи, да постигнат квалитет кој е пропишан и се бара во ЕУ. Самите претпристапни договори за членство во ЕУ ние сме обврзани да ги исполниме на едно повисоко ниво на национални стандарди, со приближување на стандардите на ЕУ“, изјави – Никола Бабвоски директор на АФПЗРР.
Денешното предавање беше организирано во соработка со Бимилк . Директорот на суровина во оваа компанија г-дин Драган Илиевски ја презентираше програмата „Бимилк партнерство“ – условите и можностите што може да ги добијат сточарите од оваа компанија при набавка на опрема.
„Нашата индустрија – индустријата за млеко и млечни производи, е еден од најважните сегменти од агро-индустрискиот комплекс. Особено ме радува што постојат вакви иницијативи, бидејќи само со взаемна соработка помеѓу млекопреработувачите, фармерите и релевантните институции, како и взаемна поддршка, размена на искуства и знаење, заеднички ќе оствариме позитивни резултати, раст и развој и одржливост – без разлика од која страна на процесот доаѓаме. Ние продолжуваме со нашата поддршка за нашите партнери кооперанти, независно дали станува збор за финансиска поддршка за набавка на нови квалитетни молзни грла, поддршка во унапредување на старите и изградба на нови капацитети, поддршка при набавка на нови системи и компјутерски системи за менаџмент на фармите и сл. Од исклучителна важност е да се вложува во квалитетот на примарната суровина доколку сакаме да имаме квалитетни производи на полиците и ги задоволиме нашите строги стандарди, а се разбира и барањата на нашите лојални потрошувачи, па оттука би сакале да ги поттикнеме млекопроизводителите и тие самите да настојуваат и вложуваат во своите фарми, а во насока на подобрување на ефикасноста“, рече Илиевски.
„Партнерството што ние го нудиме е тоа што претендираме и посебно ги цениме проектите кои што се однесуваат на модернизација. Модернизирање и развој на постоечките фарми, но исто така и изградба на нови објекти кои ќе придонесат во зголемување на млекопроизводството и за модернизирање и зголемување на бизнисите на фармерите. Она што ние им го нудиме се проекти кои на секој фармер поединечно им ги нудиме, оти секој фармер има своја различна ситуација во својот бизнис. На овој начин сакаме да им посветиме внимание и да ги поддржиме онаму каде што им е најпотребно . Дали е тоа преку совети, финансии преку наоѓање на друга помош , независно, ние сме подготвени да им помогнеме од секој аспект на тие фармери “, изјави за Зелена берза Драган Илиевски – директор на суровина при Млекара АД Битола.
Присутните гости денеска имаа можност да видат современа опрема за млекопроизводство од реномираната турска фирма Куртсан.
„Освен што пробавме да ја презентираме целокупната гама на производи, сакавме да ставиме акцент на три точки. Првата, дека конечно доаѓаме на овој пазар агресивно и одговорно, второ дека имаме можности и решенија луѓето да се занимаваат покомерцијално , професионално и полесно со оваа работа, со сточарство, и трето е дека имаме такви решенија да можеме да одговориеме на сите потреби на пазарот од најмали фармери до најголеми фарми што бараат најмодерни решенија“ – вели Љупчо Стојчевски регионален менаџер на Куртсан Агри Србија.
Мишко Ристевски сточар од Прилеп го поздравува ваквиот начин на едукација. Посебно за него е важно бидејќи планира да го шири своето производство.
„Нашата фарма е во почеток, сега располагаме со некаде 70 -80 грла, а нашиот објект е со капацитет до 800 молзни грла. Сега сме во онаа фаза кога размислуваме за поголема инвестиција за системи за молзење и за системите за прочистување. Куртсан е компанија која многу не заинтересира, а се надеваме во најкраток можен рок во соработка и со битолска млекара како нивни партнер да изнајдеме некое решение за нашата компанија за нашата фарма “ изјави Ристевски.
За предизвиците на современиот македонски фармер презентираше Марина Тошеска од ЛАГ АГРО Лидер Прилеп. Истакнувајќи ги искуствата што ги реализираат преку проекти на УСАИД таа го истакна значењето од вмрежувањето на приватниот со јавниот и граѓанскиот сектор.
„Граѓанските организации се тие што се на терен да ги идентификуваат проблемите, приватниот и јавниот сектор се тие што треба да се вклучат во наоѓање на заедничко решение, стоиме на располагање да не исконтактираат кога сакаат“посочи Тошеска.
Претсавниците од KWS фирмата од Бугарија ги презентираа најдобрите хибриди на семиња за пченка. Станува збор за фирма лидер во Европа и светот за семиња.која занимава со селекција на економски важни култури во светот.
„Имаме создадено програма КЛИМА контрол 3 што е одлична за овој регион на балканот , семиња кои се најтолерантни и најадаптивни на овие простори “ изјави Петко Василев .
Присутните гости во пресрет на новиот повик за ИПАРД, имаа можност да ги проследат советите од косултантската куќа АЛ – Би од Битола која има долгогодишно искуство во оваа проблематика.
„Нашето долгогоишно искуство во земјоделието( ние сме бивши фармери) до 93 гоина имавме краварска фарма, најголемиот број на проблеми со кои се среќаваат фармерите веќе ги знаеме, ги искусивме на наш грб и она што ние можеме да го понудиме е нашето долгогодишно искуство од страна и на фармерското производство на земјоделското производство, исто така на консултации не само за ИПАРД Програма туку и за друготе национални програми и програми од европските фондови. Сточарите во основа не грешат. Во основа најголемиот проблем е во немањето на легални објекти, барањата за легазлиација на краварските фарми се уште не се решени и доколку фармата не е впишана во имотен лист исто како да ја нема. Процедурата од страна на агенцијата за ИПАРД програмата е таква, морат да бидат запазени сите критериуми“ – посочува Александар Кулевски консултант за ИПАРД програма.
Павлина Јовановска
Зелена берза