Советување за сточари за болеста јазлеста кожа
Во организација на Мрежата за рурален развој на Република Македонија, која го спроведува проектот на Американската агенција за меѓународен развој за адаптација на земјоделството кон климатските промени, во Кавадарци се одржуваше советување за јазлестата кожа, болест која е директно поврзана со климатските промени
Целна група се сточарите кои ќе добијат совети како да се заштитат и ако веќе се појави болеста, што да направат да се спречи нејзиното ширење.
-За наши прилики, ова досега е непозната болест кај стоката. Болеста потекнува од Африка, се пренесува од комарци, крлежи, муви, а оваа година и кај нас за жал е присутна, рече Ана Дамовска, претставник на Мрежата, во изјава за медиумите.
Таа кажа дека во Македонија болеста најмногу ја има во Југоисточниот регион, Струмичко, но се зафатени и други региони.
– Сакаме навремено да ги информираме сточарите. Последиците се многу лоши. Заразените говеда треба да се уништат, убијат и запалат. Болеста не е пренослива на човекот, а месото од заболено животно може да се консумира ако термички се обработи, нагласи Дамовска.
Болеста најпрвин се појави во Демир Капија и, како што додаде Дамовска, таа е голем удар за сточниот фонд во Македонија.
Со советувањето се опфатени сточари од Кавадарци, Неготино, Велес и Демир Капија, а присутни се и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството.