fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Денеска е Велипеток, најтешкиот ден во годината

Верниците се подготвуваат за Христовото воскресение

За православните христијани Велигден е празник над празниците, кој ги обединува сите други празници и настани од животот на Господ Исус Христос, а без него немаше да има вера, надеж и љубов, кои се трите основни постулати на православната вера. Православните христијани најголемиот и најстариот христијански празник го слават во спомен на Христовото воскресение, неговата победа над смртта и гревот.

Велигден се слави многу радосно и свечено, но ноќта помеѓу Величетврток и Велипеток е обележана со мачење и со камшикување на Исус Христос. Бидејќи денешниот ден, Велипеток, е денот на кој Христос пострада, тој е најтажниот ден во годината и во православните цркви не се служи литургија.

Според одлуките на Никејскиот собор во 325 година, кои сè уште ги почитуваат сите православни цркви, Велигден треба да се празнува во првата недела од полната месечина по пролетната рамноденица, но секогаш по еврејската Пасха. Велигден може да биде со разлика од 35 дена, најрано на 4 април, а според јулијанскиот календар најдоцна на 8 мај, односно најрано може да биде три дена пред Благовец, а најдоцна два дена по Ѓурѓовден. Тоа значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми.

Велигденскиот пост е најважниот пост за православните христијани и е подготовка за најрадосниот христијански празник Велигден. Велигденскиот пост се смета за најстрог и најдолг од сите четири пости. Годинава започна на 7 март и трае 48 дена, односно до Велигден.

Воскресението Христово е симбол на мирот, радоста и на разбирањето, тој е суштината на христијанството и потврда на самата вера. Нашиот народ со посебно внимание и со посебни подготовки го пречекува Велигден, кој го празнува многу свечено.

Подготвувајќи се за најсветлиот верски празник Велигден, верниците овие денови ја живеат последната седмица пред Велигден, која се нарекува Страсна или Страдална седмица. Таа почна од Лазарева сабота и Цветници, кои се врзани празници. Овие два празника всушност се влез во Страсната седмица, која е период што претставува патување исполнето со покајание, прошка, измирување, молитва, пост и со учење.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close