Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Дали се затвора Земјоделското училиште во Битола? – Министерството за образование не предвидело упис во учебната 2026-27 година

Со евентуалното затворање или маргинализирање на училиштето, Пелагонискиот регион ќе остане без континуиран прилив на агрономи, советодавен кадар и стручни лица за грижа на животните, што директно ќе се одрази врз продуктивноста, одржливоста и квалитетот на земјоделството.

Дали намерата на Министерството за образование е да се затвори Средното земјоделско училиште во Битола бидејќи не придвидело упис во учебната 2026-27 година. Писмото за поддршка адресирано до институциите и јавноста упатија вработени од училиштето до АПЛА.

„Со ова писмо Ви се обраќаме со барање за институционална поддршка во врска со одлуката на Министерството за образование и наука, согласно која во Конкурсот за упис во прва година за учебната 2026/2027 година не е предвиден упис во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола.

Пелагонискиот регион претставува еден од најзначајните земјоделски региони во државата, со долгогодишна традиција и значително учество во националното производство. Во услови кога земјоделството се соочува со сериозни предизвици – миграција на младото население, стареење на земјоделската работна сила, намалена заинтересираност за аграрни професии и влијание на климатските промени – од исклучителна важност е зачувувањето и унапредувањето на стручното образование во оваа област.

Особено нагласуваме дека е од суштинско значење образовниот процес за профилите од земјоделско-ветеринарната струка да се реализира во рамки на специјализирано земјоделско училиште, кое располага со соодветни услови за изведување на практична настава, вежби и теренска работа. СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола ги поседува овие капацитети, вклучително и инфраструктура, опрема и стручни кадри неопходни за квалитетно образование.

Дополнително, во рамки на училиштето се започнати повеќе проекти поврзани со практична настава и соработка со земјоделскиот сектор, чие реализирање директно зависи од континуитетот на образовниот процес. Нивното прекинување би значело загуба на вложени ресурси, како и пропуштена можност за модернизација и развој на стручното образование.

Исто така, сакаме да потенцираме дека бројот на ученици кои се запишуваат во овие образовни профили не треба да се третира исклучиво како статистички податок, туку како инвестиција во идни стручни кадри. Секој ученик претставува потенцијален агроном, советник или ветеринарен стручен кадар, кој има клучна улога во поддршката и развојот на земјоделското производство.

Со евентуалното затворање или маргинализирање на училиштето, Пелагонискиот регион ќе остане без континуиран прилив на агрономи, советодавен кадар и стручни лица за грижа на животните, што директно ќе се одрази врз продуктивноста, одржливоста и квалитетот на земјоделството.

СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола со децении претставува значаен образовен и стручeн центар, тесно поврзан со потребите на земјоделците и институциите во секторот. Неговото исклучување од системот на упис ќе има далекусежни негативни последици за регионот и пошироко.

Имајќи го предвид наведеното, Ве повикуваме како релевантни институции и чинители во аграрниот сектор да дадете јавна и институционална поддршка на нашето барање за преиспитување на оваа одлука и овозможување на упис во прва година во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола за учебната 2026/2027 година.

Вашата поддршка е од клучно значење за зачувување на стручното образование и обезбедување одржлив развој на земјоделството во Пелагонискиот регион. Ве молиме поддршката да ја изразите на еден од следните начини,бараат од СОЗУ „Кузман Шапкарев” Битола

Поврзани новости

Back to top button