fbpx
ВестиМакедонија

Старее населението во Македонија

Дали Македонија станува земја на стари и сиромашни граѓани?Со години наназад бројот на родени деца опаѓа, а иселувањето не е за занемарување. 

Старее населението во Македонија. Со години наназад бројот на родени деца опаѓа, а иселувањето не е за занемарување.

Доколку прошетате во некоја од помалите општини ќе забележите дека бројот на млади е мал, а доминираат средовечните луѓе. Младите бараат излез од лошата економска состојба.

„Нема голема перспектива, освен рудникот Саса има и неколку текстилни фабрики. Тоа е од индустријата кај нас. За среќа има млад кадар во администрацијата, во училиштата, но сепак не гледам некоја перспектива. Некои луѓе работат во околните градови како Кочани, Виница, и голем дел се преселени или се во план да се селат, највеќе во Германија во последно време, а има и многу од порано кои се преселени во Италија“, вели жителка на Македонска Каменица. 

Со тоа во иднина Македонија ќе стане земја на стари, но и сиромашни граѓани, ако се суди според податоците за животниот стандард, висината на платите и на трошоците за живот од друга страна. 

„Крива Паланка сѐ уште се држи, но иселувањето е од поодамна и овие политички проблеми кои ни се случија со Бугарија, ги поттикнуваат младите да  размислуваат да си заминат. Им пречи тоа што нема работа и што платите се ниски. Економските фактори им се најважни. Јас предавам на матуранти, и за жал сите се гледаат надвор од Македонија, додека постарите остануваат тука“, вели Татјана Филиповска, социолог. 

Демографот Аница Драговиќ објаснува дека намалениот наталитет, внатрешните и надворешни миграции придонесуваат во земјата или во одредени региони населението да старее.

„Секако дека тој тренд е присутен и трае повеќе од две децении. Се намалува наталитетот, а со тоа се стеснува грлото за влез на ново население, но од друга страна се пролонгира горната граница на старост. Кога би имале поголем фертилитет заедно со пролонгирањето на горната граница, тоа би овозможило обнова на населението. Има разлика по региони, Вардарскиот и Пелагонскиот регион се соочуваат со стaреење на населението“, рече Драговиќ. 

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во третото тримесечје од 2020 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 5.2 отсто и изнесува 5.141 живородени деца.

Статистиката покажува пак дека во источниот и североисточниот дел на државата, работниците земаат најниски плати. Со две минимални и една просечна плата во Македонија не може да се задоволат основните потреби на едно четиричлено семејство, за што се потребни скоро 34.000 денари. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа. Според Светска банка, четвртинја од луѓето кои се родиле во Македонија, живеат надвор. Во регионот, медиумите претходно БиХ ја окарактеризираа како земја на стари и сиромашни граѓани.

https://faktor.mk/dali-makedonija-stanuva-zemja-na-stari-i-siromashni-gragjani

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close