fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Стратегија на „игри“ со земјоделците

А на што Ве асоцира зборот стратегија? Дали можеби на вештина да се води политичка борба?!

Криза, земјоделство, проблеми, транзиција, аграрна политика, пазар, држава,  мерки и активности… Дали ви значат нешто овие термини и на што ве асоцираат? А, на што Ве асоцира зборот стратегија? Дали можеби на вештина да се води политичка борба?!

Можеби на новата Стратегија што ја усвои Владата за производство на тутун за период 2021-2027 година.

Но, освен тоа дека меѓу целите е државна помош на земјоделските стопанства кои се занимаваат со тутун; поддршката на доходот на земјоделските стопанства; политиките за рамномерен и одржлив развој во тутунските региони и поддршка за формирање на организации на производители, засега тутунарите, а и јавноста не слушна детали. Многумина од нив на Фејсбук порачаа дека на тутунарите не им треба стратегија, туку достоинствена цена за тутунот, за маката и трудот што го дале и „јале“.

Па јасно порачаа-За да копаш земја не треба стратегија, туку раменици!

Во незавидна позиција се и лозарите, бараат совреме, уште во февруари, а не за време на откупот во септември, да ги дознаат најклучните информации за цената на грозјето по сорти и за количините кои ќе може да ги предадат на винарниците. И во право се, ако не им го сакаат целото грозје, тогаш зошто да се мачат, да прскаат и да го работат лозјето, така само ќе го одржуваат. Ако пак, има откуп и се бара квалитет, тогаш секој лозар знае како треба да се сработи лозјето, за поквалитетно грозје и ако даде Господ поголем род.                                                           *

И сточарите незадоволни. Годинава македонското јагне има најниска цена и покрај докажаниот висок квалитет, но и покрај недостигот на европскиот пазар каде традиционално се извезува македонското јагне.

Прстот го вперуваат во откупувачите, а тие пак се децидни дека цената на домашното јагне ја диктира купувачот од надвор. Годинава откупната цена за килограм јагне жива мера е 140 – 150 денари, но овчарите велат дека треба да изнесува 160 – 170 денари. Математиката е јасна.

Очигледно е дека глобалната економска и финансиска криза има негативно влијание на земјоделството и економијата на нашата држава.  За жал, и овој пат, земјоделието страда и ќе претрпи најголеми последици, бидејќи ниту закрепна од долгиот кризен циклус од 90-тите години на минатиот век, до денес.  Дијагнозата е потврдена, кризата во нашето земјоделство трае многу долго.

Причините се бројни и се сведени на неповолна економска позиција на земјоделството, а со тоа и на секој еден индивидуален земјоделец. Една суштинска анализа покажува дека земјоделството е еден од најважните сектори за македонската економија, со значаен придонес во економската и социјалната стабилност кое, заедно со ловство, шумарството и риболовот, претставува трет најголем сектор со учество од околу 11% во вкупната додадена вредност од сите активности.

Земјоделскиот сектор вработува околу 19% од вкупното активно население, а земајќи ја предвид високата стапка на невработеност, земјоделството, всушност, овозможува намалување на сиромаштијата, особено во руралните средини.  Анализите велат дека главен недостаток на македонската земјоделска политика е недостатокот на стратешки пристап, од друга страна, пак, здруженијата на земјоделците и другите заинтересирани не демонстрираат политички отпор и не посочуваат на вистинските проблеми и решенија.  Сепак, мора да се признае дека нашата држава презема мерки и активности со цел да се ублажат последиците од кризата.

Да не заборавиме дека годинава со петтиот пакет економски мерки, за справување со ковид кризата, Владата како погодена група на граѓани ги вклучи и производителите на тутун. Со најновиот пакет предвидени се околу 5 милиони евра средства наменети за тутунарите. Со ревизија на буџетот треба да се распределат значително поголеми износ на средства за аграрниот буџет, со очекување да се запрат негативните трендови, особено во сточарството, тутунопроизводството, лозарството… Факт е дека, потребен е сериозен пристап кон трошењето на буџетот. Нова аграрна политика, која ќе биде носител на земјоделски развој, модерно земјоделско производство, законодавство, засновано врз европски стандарди и принципи на Европската Унија.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close