fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Струмичките градинари бараат домашното производство на домати да биде заштитено во однос на она што се увезува

Струмичките раноградинари бараат помош од државата за заштита од увозните домати од Албанија. Засилени фитосанитарни контроли ќе покажат дали увезените домати го имаат истиот квалитет како домашните што е заштита и за земјоделците, но и за граѓаните да знаат што јадат.

Во струмичкото поле од пластеници почнуваат интензивните  берби на доматите во пластениците кои користат дрва или други енергенси за греење а за недела до две почнуваат и масовните берби на домати кај пластениците без греење. Ѓоко Христов е долгогодишен раноградинар кој секоја година произведува домати на околу 15 декари под пластеници кои користат изменети услови за производство. Годината и инвестициите му почнуваат уште во средината на ноември кога почнува производството на околу 45 илјади садници за домати кои се претежно розеви сорти кои ги следат барањата за квалитет на пазарот. Трошоците се огромни а почнуваат уште со набавката на хибридното семе кое се плаќа по семка а уште поголеми се трошоците за греење кои започнуваат од средината на ноември па се до средината на април до кога почнуваат првите берби. Но овој како и другите многу вакви производители не го плашат инвестициите и вложениот труд колку што е загрижен за економскиот крах кој ги очекува со почетокот на бербите. Во време на здравствена криза кога сите повикуваат на зголемено домашно производство на здрава храна и кога сите држави си ги штитат своите интереси обезбедувајќи си доволно храна и пазар за земјоделците нашиот пазар со отворени врати е слободен за увозните домати од Албанија кои заради намалените извозни пазари вишоците на домати ги прелеваат по ниски дампинг цени на нашиот како еден од поблиските пазари.

-Како да ги извадиме вложените пари кога домат од Албанија ни се носи слободно со шлепери директно на кванташкиот пазар во Струмица и ни го презема пазарот а ние сме незаштитени од таа страна од државата. Економската состојба е сега таква што на народот му е поважна цената од квалитетот. Често слушаме како се препорачува по медиумите да се купуваат домашни производи а потрошувачите по пазарите всушност купуваат увозни производи односно домати а нашите скапуваат или се продаваат по нереално ниски цени додека Албанските домати ни го земаат оној дел што треба ние да го имаме како заработка оставајќи не да се бориме само вложените средства да ги вратиме. Ние сега место да извезуваме ние сега увезуваме рече Ѓоко Христов производител на домати од Куклиш Струмичко.

Производителите на домати се сомневаат во квалитетот на доматите кои се увезуваат. Нашите домати последниве години иако се произведуваат по сите европски норми и стандарди и се применуваат пестициди само од европската зелена дозволена листа бидејќи само такви по закон смее да има по аптеките сепак се на удар од увозните за кои се сомневаат дека ги имаат истите стандарди и квалитет и на тој начин со слободниот увоз ниту се штитат земјоделците ниту граѓаните знаат што јадат.

-Ние ги користиме сите модерни препарати и агротехнички мерки. Плаќаме елитни препарати од реномирани европски производни куќи за средства за заштита и тоа по европски цени а за сопствениот пазарот треба  да се бориме со увозните за кои не знаеме дали се применуваат дозволени препарати. Затоа бараме повеќе контроли на тоа што се увезува за да знаат потрошувачите каков е квалитетот и да имаме ние некоја заштита додаде Христов од Куклиш.

Со промовирањето на третиот пакет економски марки на некој начин изостанаа мерките за градинарите иако тие сметаат дека наместо директна финансиска помош, од државата доволно е да добијат заштита за домашниот пазар и помош да се бара со време извоз за доматите кои допрва стасуваат а пазарите со корона вирусот се потешко се отвораат.

Од агенцијата за храна и ветеринарство со став дека се што влегува во земјава се контролира од здравствен аспект.

-Ние како агенција за храна и ветеринарство сме задолжени и ја следиме здравствената состојба на се што се увезува од аспект на пестицидите. Сите резултати кои ги добиваме редовно последните две три години ги јавуваме на европската агенција за безбедност на храна . Како што важат европските правила за домашните производители исто така важат и за увозните и тие треба да ги исполнуваат истите правила и треба да ги исполнуваат истите норми како што им се бараат и на домашните производители на градинарските производи рече Зорaн Атанасовски директорот на агенцијата за храна и ветеринарство.

З.Б.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close