ВестиМакедонијаТоп вести

Светските цени на храна достигнуваат максимум во последните шест години

Светскиот индекс на цената на храната се зголеми шести последователен месец во ноември, достигнувајќи го шестгодишниот максимум. Индикаторот го забележа најсилното месечно зголемување од јули 2012-та година, според податоците на Агенцијата за храна на ООН, цитирани од „Reuters“.

 

Индексот на цени на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации ги мери месечните промени во цената на корпата со производи, вклучувајќи житарици, маслодајни семиња, млечни производи, месо и шеќер. Во ноември индикаторот порасна за скоро 4 поени на ниво од 105 поени.

Организацијата со седиште во Рим вели дека глобалната берба на житни култури веројатно ќе достигне рекордни нивоа во 2020-та година, и покрај фактот дека ФАО малку ги намали своите претходни прогнози.

Како и да е, индексот на цените на житарките во агенцијата скокна за 2,5% во ноември во споредба со претходниот месец и сега е близу 20% над нивото од минатата година.

Една од главните причини за силниот раст на индексот на цените на храната е зголемувањето на цените на растителното масло – тие се зголемија за дури 14,4% на месечно ниво, главно, поради порастот на палминото масло како резултат на наглиот пад на глобалните резерви.

Просечните цени на шеќерот се зголемија во ноември за 3,3% на месечно ниво, поради стравувањата од дефицит во светското производство, бидејќи лошите временски услови влијаеја на изгледите за жетва во Европската унија, Русија и Тајланд.

Индексот на млечните производи се зголеми за 0,9% минатиот месец, достигнувајќи го речиси 18-месечниот максимум како резултат на повисоките цени на путерот и сирењето.

Индексот на месото исто така се зголеми во ноември за 0,9% на месечно ниво, со што се означи крајот на серијата од два последователни месеци на пад. Сепак, сè уште е за 13,7% пониско во споредба со ноември 2019-та година.

Извор:Денар.мк

Слични написи

Back to top button
Close