
Годишно умираат 4.000 пушачи
40 проценти од младите на возраст од 14 години веќе пушат
Четири илјади пушачи годишно умираат, неопходно е ефикасно спроведување на законите
Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Според податок од СЗО, 40 проценти од младите на возраст од 14 години веќе пушат. Сеопфатните закони за средини без чад, нивно ефикасно спроведување, достапни услуги за откажување од пушењето, оданочување и строга регулација на сите никотински производи доведуваат до намалување на хоспитализацијата од срцев и мозочен удар.
Ова беше истакнато на денешната јавна расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето”, организирана од собраниската Комисија за здравство.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши во обраќањето пред учесниците на расправата рече дека општеството кое не ги штити децата од познатите ризици ја доведува во прашање сопствената иднина.
– Собранието останува посветено на поддршката на иницијативите кои имаат за цел зајакнување на законската заштита од пушењето. Нашата заедничка одговорност е законите да бидат јасни, применливи и усогласени со меѓународните стандарди, но и нивната примена во пракса да биде реална и ефикасна. Заштитата на децата од пушењето не е само здравствена политика, таа е заштита на основното право на здравје и на здрав живот – додаде Гаши.
Кардиологот Сашко Кедев рече дека има можеби еден алармантен сигнал дека има сигнификантно зголемен ризик од нагла смрт кај млади луѓе без никакво образложение, нагла смрт кај млад човек асоцирана со електронски цигари. Тоа, посочи д-р Кедев, не смееме да си дозволиме да не го заштитиме нашиот најмлад дел од популацијата.
– Втор аспект кој е многу важен е дека пасивното пушење, не зборуваме за конвенционалното пушење, тоа е расчистено, исто така е сигнификантно асоцирано со последици, бидејќи тој чад, тие аеросоли од електронските цигари содржат ултрафини партикли, никотин во непредвилива концентрација, тешки метали, токсични алдехиди и нема дилема дека не смееме да бидеме жртви на правото на некој да пуши електронски цигари, а да го загрозува здравјето пред се на младата популација, меѓутоа и на сите останати. Најверојатно во овој процес пред се здравствени авторитети ќе бидат под голем притисок. Владата ќе биде под голем притисок. Влоговите се огромни, таа индустрија е многу силна. Бизнис заедницата која ја поддржува таа индустрија е многу влијателна и кај здравствените авторитети и во Владата и во Парламентот. Треба да им дадеме голема поддршка во овој нивен би рекол многу херојски чин и акт да го поминат и спроведат овој закон – рече д-р Кедев.
Од правните аспекти, појасни, дел ќе бидеме нападнати во однос на ограничување на слободите и правата на избор на пушачите.
– Тоа е во ред беше кажано многу аргументирано дека секој има можност таа слобода да си ја задржи и стои правото на избор. Меѓутоа, правото на избор и слободата е асоцирано со одговорност. Нема слобода без одговорност. Не зборуваме за лична одговорност, тоа е право на секој пушач, туку зборуваме за одговорност кон другите, бидејќи таму каде што завршува слободата и правото на избор започнува здравјето на еден млад човек – додаде Кедев.




