вестиТоп вести

Тиква над 60 килограми роди нивата на Целе Коњарски од Долно Оризари

Битолско

 

Тиква над 60 килограми роди нивата на Целе Коњарски од Долно Оризари

 

Две децении семејството  Коњарски се занимава со одгледување на тикви, годишно произведува околу 35 тони род. Адекватната припрема на земјиштето и системот капка по капка клучни за високите приноси.

 

 

Индивидуалниот земјоделец Целе Коњарски (Карата) од селото Долно Оризари, Битолско, со одгледување на тикви и нивно пласирање на Зелениот пазар во Битола се занимава околу 20 години. Тој производството го започнува со садење после адекватната припрема  на земјиштето. Тоа се извршува во периодот од втората половина на месец април до првата половина на мај во зависност од временските услови.  Во текот на вегетирање на растението тој рачно копање со мотика извршува два пати, додека меѓуредна обработка со приклучна механизација- кримлер извршува 5-6 пати во годината. Со цел да го подобри производството и што порентабилно да ги користи водните ресурси што му се на располагање Коњарски во своите парцели има обезбедено наводнување со систем капка по капка.

 

-Вкупната годишна реколта на тиквата која што ја произведувам, позната во народот како Стамболка или Печарка изнесува околу 35 тони. Оваа количина на Градскиот пазар во Битола ја пласирам од месец октомври, па се до месец март. Во просек плодовите тела кои што ги произведувам се со тежина од околу 25 килограми, додека најголемиот примерок оваа година достигна 62 килограми, изјави Коњарски за „Зелена берза“.

Покрај стандардниот квалитет и големата блажина на неговите производи тој покрај редовните муштерии од Битолскиот Регион има побарување за неговите производи и од купувачи од Струмичкиот Регион.

Слободно може да се заклучи дека тиквата претставува здрава храна која што треба редовно да се консумира во есенскиот и зимскиот период. Многу е значајно тоа што се произведува без употреба на пестициди. Несомнено го заслужува епитетот кралица на есента.

 

Кралица на есента

Тиквата претставува едногодишно растение и заедно со лубениците и краставиците  припаѓаат на фамилијата Cucurbitaceae. Стеблото на тиквата е лазач со релативно крупни листови и жолто-портокалови цветови. Поради кревката структура на стеблото и големата тежина на плодовите целото растение расте полегнато на земјата. Нејзините крупни плодови како и семките се користат во човековата исхрана. Семките имаат 20 пати поголема калориска вредност од останатиот дел на тиквата. Во медицината се докажани позитивните ефекти за многу тегоби и болести од нејзиното консумирање, како од плодовото тело, така и од нејзините семки. Поради високата количина на каротен и антиоксиданти, како  и многу витамини во нејзиниот состав со нејзиното консумирање се намалуваат ризиците од настанување на тешки заболувања на човековиот организам.

Се смета дека растението потекнува од Американскиот континент, поточно од Мексико. Благодарение на Шпанците била пренесена во Европа. Некои врсти на тиквата потекнуваат од Индија. Тиквата е добро позната и кај нас, и добар дел од популацијата ја консумира приготвувајќи ја на различни начини.

Подготвил: Игор Петровски

 

 

Слични написи

Back to top button
Close