fbpx
ВестиТоп вести

Култивирање на камилица

Во групата на најекспонирани видови, камилицата е водечка култура со лековити својства. Ниту официјалната ниту народната медицина не може да се замисли без ова растение.

Се користи цветот од камилицата (Chamomillae flos) и етеричното масло (Chamomillae aetheroleum). Со оглед на тоа дека побарувањата за камилица како суровина секојдневно се зголемуваат, пред педесетина години се започнало со плантажно одгледување. Камилицата изобилува со активни материи од кои најважно е етеричното масло во концентрација од 0,3 – 1,3%, но содржи и флавоноиди, гликозиди и витамин Ц. Маслото е темносино или зелено, во зависност од количеството на безбојниот прокамазулен (матрицин). Имено, прокамазуленот при постапката на дестилација преминува во темносин камазулен, од каде што доаѓа и бојата на маслото. Квалитетот на етеричното масло се оценува според содржината на камазулен и α-бисаболол.

Еколошки услови за одгледување

За успешен развој растението бара умерена клима и средни температури. Фазата ‘ртење и никнување започнува при температура од 6ºЦ, меѓутоа оптималните температури треба да се движат во границите од 20 до 25ºЦ. Во фазата на формирање на цветните глави, дневните температури пониски од 20ºЦ негативно влијаат врз квалитетот. Во текот на вегетацијата бара многу светлина и доколку во периодот од бутонизација до полно цветање светлината како фактор отсуствува, етеричното масло нема да содржи прокамазулен што прилично негативно ќе се одрази врз неговиот квалитет. Сушата добро ја поднесува, но доколку почвената површина не е доволно влажна, семето нема да прорти.

Исхрана

Камилицата е растение на сиромашни почви и прилично е скромна во однос на потребата од хранливи елементи. За принос од еден тон и три тона херба, потребно е да се употребат околу 20 кг фосфор, 50 кг азот и 80 кг калиум. По правило, азотот се применува во пролетниот период, како прихрана. Во зависност од обезбеденоста на почвата со овој елемент, количествата може и да се зголемат, до 80 кг/ха, но ваквите дози во голема мера предизвикуваат полегнување на посевот.

Сеидба

Во наши услови оптимални се есенските сеидбени рокови, од средината на септември до крајот на октомври. Доколку распоредот на есенските врнежи е поволен и тие се рамномерно распоредени, со продолжените сеидбени рокови се постигнува задоволителен ефект. Во исклучително сушни реони, растенијата поуедначено никнуваат и растат доколку сеидбата се изврши во подоцнежниот рок. Семето од камилица ‘рти само во услови на доволно светлина, па мора да биде оставено на самата почвена површина. За сеидба се користи мешавина составена од 25 до 30% семе и 70–75% пулвис (делови од цветните глави) од соодветната сорта/хибрид. Во зависност од ‘ртливоста на семето и сортата, потребно е од 7 до 9 кг мешавина/ха. Сеидбата во никој случај не треба да се изведува при посилен ветер. При сеидба во првиот рок задолжително е да се изврши валање на почвата, операција што не е потребно да се изведува при подоцната сеидба. Пролетната сеидба треба да се избегнува затоа што приносите се пониски просечно за 40%.

Берба

Најквалитетната камилица се употребува за добивање на дрога. За сите останати преработки се користат пониските класи од свежата или отпадот од доработената сува камилица. Периодот на берба зависи од општата состојба на посевот, но најдобро е да се започне кога 70% од цветните глави се физиолошки зрели (семето сè уште не е оформено, а јазичестите цветови имаат хоризонтална положба), што се постигнува со продолжување на есенските рокови на сеидба. Во спротивно, со берба се започнува пред 60% од цветните глави да навлезат во физиолошка зрелост. Доколку 5 до 6 дена по раното прибирање паднат дождови или посевот се наводнува, за две недели може да се изврши и второ прибирање, со кое се добива дури и до 50% принос на првата берба. Доколку првата берба се оддолжи, се јавуваат големи загуби. Во случај да процветаат 90% од растенијата, многу од цветовите кои први процветале се осипуваат, а при 100% процветување квалитетот на етеричното масло е значително намален. Кога посевот под камилица не е полегнат и нема плевели, при берба со житен комбајн се добиваат 65–70% цветови од прва класа (со цветна дршка до 10 см), 20–25% цветови од втора и трета класа и само 5% стебла без цветови.
Во зависност од временските услови во текот на вегетацијата, приносот на свежи цветови се движи од 3,0 до 6,0 т/ха, од кои 60% се од прва класа. Ако посевот е полегнат или од кои било други причини е оневозможено машинско прибирање, најдобро е да се коси цело растение и да се дестилира без претходно одвојување на цветовите. Од камилицата од трета класа се добива од 0,3 до 0,5 кг етерично масло. Приносот на семе е варијабилен и изнесува од 80 до 250 кг/ха.

Извор: Моја Земја

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close