вести

Топче од магарешко сирење се продава за 50 евра

За најскапото сирење на светот – сирење од магарешко млеко, кое го забавува процесот на стареење и ја зголемува виталноста, неодамна репортажа направи и познатиот британски сервис Би-би-си. Едно мало топче од ова сирење чини дури 50 евра.

Идејниот творец, кој стои зад целиот овој проект во националниот резерват Засавица, Србија, е Слободан Симиќ, кој никогаш не можел да се замисли дека еден ден ќе води каква било фарма. Сепак, пред 20 години чул за овие краеви, бидејќи родителите на неговата поранешна сопруга живееле во соседното село.

– Веднаш се заљубив во ова место – вели Симиќ.

topche od magareshko sirenje se prodava za 50 evra

 

Националниот резерват Засавица, кој своето име го добил по реката што тече низ овој крај, се наоѓа на околу 90 километри северозападно од Белград, но ретко кој знаел за овој преубав имот.

Со помош на своите контакти, кои ги имал од политичкиот живот, бидејќи некогаш бил активен во политиката, Слободан, во 1997 година успеал да трансформира див мочурлив имот во природен резерват.

Пред три години во соседната Рума, на еден саем, тој видел исцрпени магариња, кои не ги сакал никој, бидејќи го „отслужиле своето“. Првата негова идеја била да ги спаси и да ги однесе во Засавица. Денес тој има околу 180 таканаречени балкански магариња, кои според градбата се помали од стандардните видови.

Магарицата дневно дава само 300 милилитри млеко, кое е богато со витамини и минерали, и поради тоа еден килограм сирење е исклучително скапо. Според истражувањата, од животинските млека, магарешкото се води како најблиско до мајчиното млеко на човекот. Има благ вкус. Добро е против хронична кашлица, остеопороза кај стари луѓе, против алергии кај деца, за јакнење на нивните коски….

До идејата да произведува сирење од овој вид млеко, Симиќ дошол пред неколку години.

– Тој е човек полн со луди идеи, но секогаш се воспоставува дека е во право – вели Јован Вукадиновиќ, управник на фармата, инаку поранешен сообраќаен полицаец.

Бидејќи никој од нив порано не правел сирење од млеко од магаре, одреден период малку експериментирале. Тогаш го донеле Стеван Маринковиќ, технолог, чија специјалност се млечните производи, за да се консултираат со него. Првиот проблем бил што ова млеко немало доволно казеин -протеин што е многу битен за правење сирење, па тоа го надоместиле додавајќи козјо млеко.

Се утврдило дека најдобрата формула, која во моментов е во процес на патентирање, е мешавина – 60 проценти млеко од магаре и 40 проценти козјо млеко. И покрај фактот дека во Србија не постоеле правила за млеко од магаре (ниту за сирење), одеднаш се јавил проблем во користењето непастеризирано млеко, поради што производството одредено време било прекинато.

Во меѓувреме додека не се направи правилник за млеко од магаре, локалните производители околу Засавица произведуваат мали количини сирење од млеко од магаре, кое во моментов го прават во комбинација со кравјо пастеризирано млеко.

Производителите, освен сирење, продаваат и природна козметика од млеко од магаре, како што се: сапун и крем против брчки, кои содржат масни киселини, како и голема концентрација на витаминот А. Исто и ликер од млеко од магаре.

Разгледувајќи го резерватот, прво што ќе забележите се магариња и магарици, кои безгрижно шетаат низ резерватот, се душкаат и се чистат меѓусебно. За магарињата велат дека сакаат да се дружат, но и дека се интелигентни.

Симиќ во резерватот држи и свињи-мангулици, но и подолски говеда, кои потекнуваат од европското диво говедо. Исто така, во резерватот донел и дабари да види како ќе опстанат во овие краеви.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close