Трипуновски: Николовски издал нелегален документ за закуп на земјоделско земјиште
Градежна парцела во реон на општина Бутел
Почитувани,
Денеска објавуваме уште еден скандал на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, овој пат поврзан со закуп на земјоделското земјиште во државна сопственост.
Имено, со потпис на Љупчо Николовски како министер за земјоделство се доделува градежно земјиште во градежен реон на Град Скопје како земјоделско земјиште.
Дојдовме до информации и документи кои индицираат на директна вмешаност на Николовски во огромна измама.
Ова е договор за закуп на земјоделско земјиште склучен помеѓу МЗШВ потпишан од Николовски од една страна и извесен Имер Нухи од друга страна.
Со овој договор Имер Нухи добива 1.564 метри квадратни градежно земјиште на територија на општина Бутел, под образложение дека закупил земјоделско земјиште во државна сопственост во време траење од 70 години за садење на лешников насад.
Со овој договор закупецот добива право на градежно земјиште во урбана зона за надомест од 5.745 денари годишно. За јавноста да има точна претстава за што точно станува збор и за тоа дека има сериозни индиции за криминал укажува и самиот факт што метар квадратен градежно земјиште во овој реон чина од 150 евра па нагоре, односно за целата парцела над 250.000 евра.
Но, небулозите не застануваат тука. Огласот на кој се повикува повикот за закуп на Нухи е поништен, односно не дошло до легален избор за закуп, но сепак договорот е склучен и потпишан од министерот Николовски. Јавниот повик 01/21 врз основа на кој е дадено ова градежно земјиште под закуп е поништен на 12 јануари 2022 година со решение број 41-216/6 и тоа е објавено во Сл. Весник број 9 истата година.
Овој договор е нелегален и не можел воопшто да биде склучен. Но, симптоматично е тоа што и покрај тоа што е нелегален и не можел да биде склучен сепак на овој договор стои штембил на МЗШВ дека е издаден од нивната архива, а на задната страна од истиот стои печатот на министерството и потпис на министерот Николовски.
Овој документ со кој му се дава градежно земјиште на Имер Нухи е нелегален и претставува кривично дело.
Целиот случај почнува да се открива кога закупецот почнува да си ги бара своите права, при што Општина Бутел испраќа допис до МЗШВ со цел договорот за закуп на ова градежно земјиште да биде раскинат затоа што на истата локација е планиран парк според ДУП за градски четврт Ц12 блок 7.
На што официјално од министерството преку допис одговараат дека таков договор не постои.
Очигледно е дека МЗШВ и Николовски се фатени во тесно, бидејќи ова е штембил на МЗШВ, а ова е печат на министерството и потпис на Николовски.
Го повикувам Љупчо Николовски веднаш да си поднесе оставка од позицијата, а ЈО да постапи по случајот и да покрене истрага по допрен глас.
Дополнително почитувани, укажуваме дека имаме уште вакви договори кои што индицираат сериозно кривично дело. И за таа цел во интерес на граѓаните, ние продолжува со обелоденување на слични вакви случаи во наредните денови, со што ќе покажеме како се раскрчмува земјиштето во сопственост на Република Македонија од страна на власта на СДС и Николовски.
Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ