fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Тројца вработени во Општина Битола зеле субвенции за дограма, граѓаните револтирани, од Општината повикуваат на етичките стандарди на вработените

Еден од добитниците е на високо раководно место помошник раководител на Сектор за финансиски прашања, другиот помлад соработник за културни манифестации и туризам, а третиот советник во одделението за јавни набавки.

Тројца вработени од општинската администрација на Битола, зеле субвенции од 200 до 450 евра за дограма на последниот Јавен повик на Општина Битола за надоместување на дел од трошоците за набавена нова ПВЦ или алуминиумска дограма за домаќинствата на подрачјето на Општина Битола за 2023 година. Еден од добитниците е на високо раководно место помошник раководител на Сектор за финансиски прашања, другиот помлад соработник за културни манифестации и туризам, а третиот советник во одделението за јавни набавки. Двајца од нив се вработени во времето на екс градоначалничката Наташа Петровска.

Од Општина Битола потврдуваат дека на листата на добитници за дограма се тројца вработени во општинската администрација на Општина Битола:

1. 0920-69/18   Наташа Лукиќ 12,000.00

2. 0920-69/49    Борче Груевски 27,306.00

3. 0920-69/75    Наташа Бабовска 12,540.00

Транспарентно, Општина Битола во јавно објавениот линк ги наведе имињата на сите стотина добитници меѓу кои стојат и имињата на вработените административци. Тоа предизвика реакции од страна на граѓани и одбиени апликанти на јавниот повик па на Фејсбук страната на Општина Битола прашуваат „дали треба да работат во општината за да добијат субвенции за дограма“.

„Треба во општина да работиме за да добиеме? Какви услови не исполнуваме ние што не добивме? Срам да вие е!“, пишува битолчанец.

„Поарно да бевте искрени за условите, пријател во Општина ќе ве разберевме.“, пишува битолчанка.

Од Општина Битола одговараат дека „во јавните повици нема ограничување во однос на аплицирање на вработени во општинската администрација, кои како жители на општина Битола, од правен аспект, го имаат истото право како и останатите граѓани. Од тој аспект, Општина Битола не може да им го одземе правото на вработените да аплицираат и да добијат субвенција, доколку ги почитуваат сите услови и правила кои важат за сите потенцијални апликанти.“

Но, од Општина Битола повикуваат на етичките и моралните стандарди на кои треба да се придржуваат административците.

„Кодексот за административни службеници исто така, не им го оневозможува тоа право, но во истиот стои дека, примената на етичките стандарди и правилата на однесување, административниот службеник ги применува во односите со колегите, со претпоставените и странките, на неговото работно место, но и во приватниот живот и јавноста.

Оттука – Дали од етички, морален аспект се предвидуваат измени во правилниците за јавните повици, на истите да не може да се пријавуваат вработени во Општина Битола? Општина Битола, законски не може да постави ограничување на јавните повици да не се пријавуваат вработени од општинската администрација, но одлуката останува на вработените дали ќе аплицираат или не на јавните повици, објавени од институцијата.“, стои во одговорот на Општина Битола испратен до „Апла“.

Ова не е прв пат кадри кои се на позиции во општината или јавните претпријатија и советници во Советот да аплицираат на јавните повици на општината за добивање на субвенции. Ваков случај имаше и во изминатите години во времето на екс градоначалничката Петровска, но под притисок на јавноста, добитниците се откажаа од општинските пари.

А. Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close