fbpx
Вести

Турбулентна година за македонското земјоделство

zemjodelci

Годината што измина ја одбележаа и штетите од пролетниот мраз кој во некои региони од државата уништи речиси 100 проценти од овошните и лозовите насади. Посебно на удар беа сливите и јаболката. Состојбата во Преспанско беше исклучително лоша. Сотрени беа 80 до 90 отсто од родот. Штети имаше и кај компирот, морковот, зелката, пиперот, доматите. Измрзна и тутунот.

Обесштетувањето не можеше да се реализира поради предвремените парламентарни избори, односно членот во Изборниот законик кој забрануваше исплати до формирање влада. Дел од економистите сметаа дека законска пречка нема и дека исплатата, не само на обесштетувањето, туку и на субвенциите, не се спроведува зашто во државниот Буџет нема доволно пари.

Следуваа протести на производителите и преговори со надлежните институции.

Покрај сите овие проблеми, новата Влада која стапи на функција од 1 јуни, обелодени и низа недоследности во работењето на претходниот состав. Обвини дека дотогашното раководство во Министерството за земјоделство трошело народни пари за шопинзи по бутици, кафеани, журки во странски дискотеки. Исплаќани биле и прекувремени работни часови без евиденција.

Актуелниот министер Љупчо Николовски информира и за опструкции од поранешното раководство на АД Водостопанство. Претпријатието 20 дена не пуштало вода во Тиквешкиот регион кога било најпотребно поради што исходот беше слаб род, лош квалитет, ниски цени и револтирани земјоделци.

Во периодот јуни – септември следуваа мерки за санирање на евидентираните проблеми. Најпрво беа обезбедени дополнителни субвенции од шест денари за праските и два денара за бостанот со кои се ублажи ценовниот шок поради ниските откупни цени. Потоа беше продолжен рокот за аплицирање за годинашните субвенции до 15 септември. Проектирани беа нови 10 милиони евра за Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017 и за Програмата за рурален рзвој 2017, односно, дополнителни 6.000 денари за хектар за производителите на пченица, како и дополнителен еден денар за килограм јачмен предаден кај регистрирани откупувачи.

Зголемени за 10 отсто по хектар беа и субвенциите за лозови и овошни насади, за градинарски и фуражни култури.

Се распиша оглас за 10.000 евра неповратна финансиска помош за млад земјоделец со променети услови (првите договори се потпишаа во ноември), оглас за поддршка на подигање долгогодишни насади и набавка на приплодни грла, исто така со променети услови, како и уште два огласа за давање под закуп државно земјоделско земјиште до три и над три хектари.

Паралелно со сите овие мерки, Министерството ги скрати и непродуктивните трошоци. Донесени беа пет правилници за строга контрола на трошењето пари за прекувремени работни часови, угостителски услуги, репрезентација,  службени патувања, гориво, дневници.

Евидентни беа и честите средби на производителите и откупувачите со министерот Николовски. Се водеше транспарентен дијалог за, како што изјавуваше тој, поефикасно решавање на проблемите. Ангажирана беше и науката преку формирање посебно тело во Министерството за земјоделство.

Последниве месеци почна креирањето на решението за т.н зелена нафта од кое се очекува драстично намалување на производните трошоци. Оваа мерка, освен што ќе биде своевидна поддршка за земјоделците, треба да го аморитизира и ударот од зголемувањето на акцизата за нафтата за три денари по литар, односно поскапувањето на дизелот за 3,5 денари.

Зголемувањето на акцизата ги подели земјоделците. Едни оценија дека ваквото решение не е добро, дури укажуваа и дека е против земјоделството, па предлагаа негово изземање, додека други – дека не треба да се прави политички маркетинг со нафтата зашто поскапувањето не би било големо (десет денари за декар или 100 денари за хектар), туку да се смисли стратегија како да се пласираат производите зашто тоа, според нив, е поголем и посуштински проблем.

– Направени се сите потребни анализи за воведување „зелена нафта“ во земјоделството. Стартот на мерката е планиран за 2018 година,  изјави на 25 ноември 2017 министерот Николовски.

„Зелена нафта“ ќе се воведе преку измени на Законот за земјоделство и рурален развој. Оваа мерка практично значи дека ќе се кофинансира набавката на гориво за земјоделската механизација.

Уште не беа стивнати реакциите околу „зелената нафта“, кога Владата најави нови законски измени, овојпат за персоналниот данок на доход. Со нив се предвидува земјоделците кои остваруваат приход до еден милион денари, на почетокот на секоја година да го добијат назад персоналниот данок што им се задржувал претходните 12 месеци. Проценка на ресорното Министерство е дека со ваквите измени околу седум милион евра повеќе ќе завршат кај земјоделците, наместо кај државата како досега. Со мерката ќе бидат опфатени 65.000 земјоделци. Тие ќе бидат ослободени и од административни трошоци, односно од обврската да поднесуваат даночни пријави. Тоа во нивно име ќе го прават откпувачите.

Земјоделството во 2018 година ќе биде поддржано со 160 милиони евра субвенции, а приоритети, како што најави министерот Николовски во интервју за МИА, остануваат окрупнување на земјиштето, реконструкција, рехабилитација и изградба на хидростистеми за наводнување, максимално искористување на ИПАРД средствата, заокружување на системот на безбедност на храната, подобрување на конкуретноста на стратешките извозно-ориентирани земјоделски производи, стимулирање на фирмите за промоција на своите производи на странските пазари и ревизија на доделеното земјоделско земјиште.

Буџетот за земјоделството во 2018 година е проектиран на 10,1 милијарда денари. Највеќе средства одат кај Платежната агенција, вкупно 8,6 милијарди денари, од кои 8,4 се за директна поддршка во земјоделството и руралниот развој. Само за земјоделското производство се планирани 6,6 милијарди денари, додека за зголемување и заштита на шумскиот фонд се обезбедени 21 милион денари. Вкупниот буџет на Министерството за земјоделството, пак, изнесува околу 643 милиони денари.


 

бриф.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close